Секоја петта личност на светот е пречувствителна или високо сензитивна. Пречувствителноста не е избор на самата личност. Тоа е карактеристика која е задедена биолошки во нивниот нервен систем. Поради неа ваквите личности реагираат побрзо, побурно, поемоционално. Реагираат когнитивно и/или физички на одредени дразби од надворешниот свет многу повеќе од остатокот од популацијата. Преголемата чувствителност сама по себе не се смета за нарушување туку се прифаќа како трајна структура на личноста.
Какви се пречувствителните луѓе односно високо сензитивните како уште се нарекувaат? Врз основа на која особина може да ги препознаете? Честопати пречувствителните луѓе оваа своја карактеристика ја доживуваат како маана, како нешто кое сакаат да го променат кај себе. Мислат дека поради тоа се разликуваат од другите луѓе во негативна смисла. Ваквата слика за себе ја формираат најчесто врз основа на пораките кои ги добиваат од околината која не ја разбира оваа појава. Пример ако личноста добива вакви пораки: „Многу се соживуваш со сè“ или „Лошо е да си премногу добар“, веројатно за себе ќе мисли дека нешто не е во ред со неа.
Со работа на себе лицето (самостојно или со стручно лице) својата чувствителност ќе научи да ја разбира и прифаќа. И тогаш ќе ја доживува како потенцијал. Во продолжение детален опис за карактеристиките на пречувствителните лица.
Тие имаат многу добра концентрација и внимание
Високо сензитивните луѓе лесно воспоставуваат и одржуваат фокус и внимание кон активностите за кои се заинтересирани. На пример, кога учат материјал кој им е интересен тие се многу детални, лесно го усвојуваат и учат со разбирање. Тогаш се во “својот свет“ и немојте да се чудите ако не обрнуваат внимание на вас и не слушаат кога им се обраќате. Сите нивни сетила тогаш се насочени кон таа активност (ако сте упорни во обидот да им го тргнете вниманието можат да станат многу исфрустрирани).
Препорачливо е во животот да тежнеат кон занимавање со работа која ја сакаат и во неа сигурно ќе бидат одлични. За воспоставување фокус веројатно ќе им треба целосен мир и тишина бидејќи на пример отчукувањето на ѕидниот часовник во позадина или пораките кои им стигнуваат на телефонот премногу го надразнуваат нивниот нервен систем и им го одвлекуваат вниманието.
Тие се одговорни
Своите обврски и задачи ги исполнуваат педантно и одговорно, тие се многу добро соработници, но генерално набљудувано тие се повеќе индивидуалци наместо тимски играчи. Не сакаат да грешат за да не бидат критикувани (веќе доволно се самокритични). Не сакаат зголемен тон, грубост, наредбите ним им делуваат демотивирачки, парализирачки. Пофалбата, љубезноста, разбирањето и почитта им даваат полет.
Тие се креативни и имаат смисла за уметност и естетика
Високо сензитивните лица добро ги забележуваат деталите, а светот го доживуваат поразлично од другите поединци. Ова може да биде нивна предност т.е. можат да се занимаваат со некој вид уметност ако е проследено со одреден талент. Дури и да не се движат во тој правец тие уметничките дела, книжевноста и музиката ќе ги доживуваат поразлично од повеќето луѓе. Често имаат истенчен вкус па се пребирливи и го ценат она што вреди вистински. Музиката, филмот, книгите, уметничките слики не ги набљудуваат само површно туку емоционално уживаат во нив. Страдањето или среќата на ликовите ги доживуваат како да се лично доживеани од нив.
Тие имаат добра интроспекција (самонабљудување)
Пречувствителните луѓе покрај нивната способност за обработка на информациите на подлабоко ментално ниво (од што произлегува нивната аналитичност) тие многу добро се познаваат себеси. Знаат што сакат, што очекуваат од себе, од партнерот, пријателот. Знаат што им годи, а што не. Свесни се што е причинителот на одредените чувства итн. Ова навистина им е од голема помош кога работат на себе.
Тие се добри во процена на другите луѓе
Не им треба многу време за да воочат дали е некој добронамерен или не. Брзо заклучуваат дали некому треба да му веруваат, дали некој е манипулатор итн. Го забележуваат тонот на зборување, гестикулацијата, говорот на телото, читаат меѓу редови. Околината може да им дава коментари слични на: „Ти на сè наоѓаш мани, никој не ти одговара“, што и не е далеку од вистината. Со мал број луѓе можат вистински да се поврзат. Ова е предност бидејќи не тежнеат по секоја цена да развиваат површни односи со луѓето, но за полесно да функционираат во работно опкружување треба да работата на усвојување флексибилност и прифаќање различности.
Тие се многу емпатични
Ова е веќе премногу очигледно нели? Високо сензитивните луѓе имаат изразена способност да сочувствуваат со туѓите проблеми, страдање, бол и не остануваат само на тоа туку се обидуваат и да им помогнат на другите. Поради тоа со луѓето кои им одговараат развиваат цврсти врски. На ваквите луѓе секогаш ќе можете да се потпрете, ќе ви дадат искрен совет иако можеби нема да ви се допаѓа тоа што ќе го чуете, а тие знаат дека тоа е најдобро за вас. Тие се многу осетливи на неправди без оглед дали им е нанесена ним или на некој друг.
Во склад со овие особини ги бираат и своите професии. За да не се “истрошат“ себеси впивајќи туѓи емоции (односно да се чувствуваат немоќни кога не можат да помогнат) потребно е да научат да поставуваат здрави граници и на себе и со другите. Ова е најдоброто нешто што можат да го направат за двете страни.
Тие брзо реагираат на внесените супстанци
Организмот на високо сензитивните луѓе добро реагира на пример на лекови против болка, антибиотици и слчично т.е. нивниот ефект побрзо делува и не им се потребни големи дози, евентуално лекувањето трае пократко. Потребно им е мало количество кофеин за да се разбудат. Меѓутоа кај значителен број високо сензитивни луѓе постои и нетолеранција на кофеин (им се јавува тресење, вртоглавица) како и на други супстанци (никотин, алкохол, дрога). Потребно е да го слушаат своето тело и пораките кои тоа им ги испраќа. Да не го форсираат она што не им одговара.
Тие се страствени
Ваквите лица знаат во целост да уживаат во она што го сакаат и им одговара. Поради тоа можеби на околината ќе и делува чудно кога високо сензитивната особа ужива во шолја чај, чаша вино, вкусна храна, парфеми, природа, присуство на животни. Благодарение на овие карактеристики ако сте блиски со некоја пречувствителна индивидуа (пријател или партнер) имајте на ум дека ќе биде потребно време за да се опушти и поврзе со вас. Откако ќе се поврзе со вас таа е посветена на вашиот однос. Во контекст на партнерството ваквата индивидуа многу ужива во вниманието кое и се посветува, во интимните моменти, нежности и допири.
Тие се радуваат на ситници
Високо сензитивните лица вистински и како мали деца се радуваат на малите знаци на внимание. Ако им ја поклоните омилената чоколада (или нешто друго ситно, но од големо значење за нив) ќе им се разубави денот. Со оглед дека нивниот нервен систем лесно реагира на надворешните стимуланси тоа може да биде од нивна полза. Тие можат да бидат под влијание и позитивно расположение долго време ако на пример појдат на село и цел ден го поминат меѓу животни. Може да ги усреќи пролетниот мирис, жуборот на реката, црцорењето на птиците и слични појави кои повеќето луѓе ги земаат здраво за готово.
Прочитајте и за синдромот на прегорување и како се препознава кај студентите.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.