Skip to content

Зошто пред да заспијам само на тебе мислам? Зошто? Зошто? Зошто?

Со денови те чекав да дојдеш.
Со месеци.
Знаев дека ќе ме побараш.
Знаев и дека виновна сум оти јас ти премолчив.
Еден куп работи ти премолчив
само за да те држам блиску до мене
оти без тебе не ќе издржев.
И ти знаеше дека не можам без тебе.
Затоа и ме побара.
Вечерта, пред да излезам се погледнав в огледало
и себеси си дадов збор дека тоа е последно.
Дека нема веќе да те сретнам.
Проклето нека е,
знаев дека сè би дала за да те видам пак.
И ти знаеше.
И тоа како беше свесен за тоа.
Сакав да те слушам додека зборуваш.
Ти секогаш имаш нешто да кажеш.
За сè имаш мислење,
а јас некако мудро молчев
и сакав да те прочитам преку зборовите што ги кажуваш,
ама до денес ништо не можам да те разберам.

Вечерта ми кажа дека туѓа ќе бидам.
Оти никогаш твоја не сум била.
До тој миг, јас само твоја бев.
Ти еднаш да речеше да ти подадам рака,
да дојдам кај тебе,
да останам со тебе,
да не си одам,
јас на друг ниту ќе помислев,
ниту ќе посакав друг да држам за рака.
Само тоа сакав.
Да ми го погалиш лицето.
Да ми ги бакнеш очните капаци.
Да си ги допреме врвовите од носовите.
Јас да се изнасмеам.
„Вака се бакнуваат пеперутките“, да ти речам.
Ама ниту рече нешто,
ниту нешто направи.

Затоа ќе си ги одржам зборот што самата себеси си го дадов.
Нема да те сретнам веќе.
Знаеш?
Има едни луѓе што тивко те набљудуваат.
Гледаат само дали си добар.
Среќен гледаат дали си.
Ангели се што шетаат по земја.
Јас за тебе таква ќе станам.
Среќна ќе сум, ако ти си среќен, дури и крај друга.
Некоја што ќе сакаш да ѝ ги бакнеш очните капаци.
И само твоја да ти биде,
цврсто да си ја држиш за рака.
Освен пијана ко ќе сум.
Тогаш знам дека ќе ти испратам порака.
Ќе те прашам зошто пред да заспијам само на тебе мислам.
Зошто?
Зошто?
Зошто?
И знам дека нема да ми одговориш.
Ништо нема да ми кажеш.
Молчи засекогаш, аман!
Молчи барем во овој живот.

Напишете коментар