Skip to content

Езра Паунд, американски поет, основач на имажинизмот

Езра Вестон Лумис Паунд (30 октомври 1985 – 1 ноември 1972) бил американски поет и критичар и исто така бил голема фигура во раниот модернистички период. Роден е на денешен ден. Неговиот придонес започнал со тоа што го развил имажинизмот. Негови попознати дела се „Рипостес“ (1912), „Хју Селвин Мауберли“ (1920) и неговата недовршена епика „The Cantos“ (1917-1969). Паунд работел во Лондон на почетокот на дваесеттиот век како странски уредник на повеќе американски литературни списанија. Гневен на колежот предизвикан од Првата светска војна, тој изгубил верба во Англија и го обвинувал капитализмот.

Животопис

Езра Паунд се родил во Хејли како единствено дете во семејството на Изабел и Хомер Паунд. Во 1887 година, мајка му, која не била среќна во Хејли, се преселила во Њујорк и го повела Езра со себе, кој тогаш имал година и пол. Хомер ги следел, и во 1893 сите заедно се преселиле во Винкот.

Учел во неколку училишта, од кои некои биле раководени од квекери.На 7 ноември 1896 година, кога имал 11 години, за првпат му била објавена хумористична поезија, напишана за Вилијам Џенингс Брајан, кој тогаш изгубил на претседателските избори во САД: „Има еден млад човек од запад, / Направи што можеше за она што мислеше дека е најдобро; / Но на изборите кои се случија, / Се најде себеси удавен, / а документите ќе ви го раскажат останатото.

Од 1897 до 1900 година Паунд учел во воено училиште, каде го изучил латинскиот јазик. Учениците носеле униформи во стилот на униформите од Американската граѓанска војна. Првото патување на Паунд преку океанот било во средина на 1898 година, на свои тринаесет години, кога со мајка му и тетка му бил на тримесечно патување низ Европа. По основното училиште, учел една година во средното училиште „Челтенхам Тауншип“, а потоа во 1901 година, бил примен на колеџот за либерални уметности при универзитетот во Пенсилванија.

Хилда Дулитл, негова прва љубов

Паунд ја сретнал Хилда Дулитл (позната под поетскиот псевдоним Х.Д.) во Пенсилванија, во 1901 година, и таа била неговата прва љубов. Во 1911 година, таа заминала со Езра Паунд во Лондон, и се вклучила во движењето имажизам. Меѓу 1905 и 1907 Езра Паунд напишал многу поеми за неа, од кои 25 ги објавил како книга со наслов Книгата за Хилда.Во 1908 година Паунд ја побарал раката на Хилда од нејзиниот татко, но тој не ја дал ќерката.

Езра Паунд го завршил факултетот во 1905 година, а подоцна магистрирал. За време на докторските студии, Паунд заминал во Европа со парите за школарина, и времето го минувал во различни библиотеки во Мадрид. Го напуштил учењето без да докторира.

Во 1907 година Паунд предавал романски јазици на колеџот „Вабаш“ во Крофордсвил, конзервативен град во Индијана што тој го нарекувал „шестиот круг на пеколот“. И колеџот бил конзервативен, а Езра Паунд правел сè што ги лутело неговите претпоставени. Во 1908 година го избркале од работа, па Паунд заминал за Европа.

Кариера

Во јули 1908 година самиот ја издал својата прва книга поезија, A Lume Spento. Критиката за оваа поетска книга која била објавена во Лондон ивнинг стандард книгата ја нарекла „дива, апсолутно поетска, оригинална, имагинативна, страсна и духовна“. Насловот бил земен од Чистилиште на Данте Алигиери, каде се алудира на смртта на Манфред, кралот на Сицилија, а книгата била посветена на неговиот пријател, уметникот од Филаделфија, Вилијам Брук Смит, кој во тоа време починал од туберкулоза.

Во декември ја издал својата втора зборка, A Quinzaine for This Yule, и скоро потоа се вработил како предавач во вечерните часови на Вестминстерскиот универзитет во текот на два месеца, во јануари и февруари 1909 година. Во јануари 1909 година, Паунд се запознал со Оливија Шекспир во литературен салон, и со нејзината ќерка Дороти, која му станала сопруга во 1914 година. Преку Оливија се запознал со Вилијам Батлер Јејтс, кого го сметал за најголемиот жив поет, и со кого станале пријатели, иако Јејтс бил постар 20 години.

Во јуни 1909 година неговата збирка Personae станала првиот комерцијален успех на Паунд. Сепак, поетот Руперт Брук не бил импресиониран од стихозбирката, и велел дека Паунд паднал под влијание на Волт Витман. Во септември таа година, објавил 27 поеми, а во јуни 1910 година ја објавил првата книга со книжевни критики. Во август 1911 година, почнал да пишува неделни колумни во весникот Њу ејџ.

Имажинизам

Во текот на 1912 и 1913 година Паунд често седел во просторот за печатење на Британскиот музеј каде ги проучувал јапонските слики укијо-е, некои со запишани вака стихови, поетски жанр чии строги правила придонеле кон техниката на имажинистите.Во тој период работел на поеми во кои сакал да избега од дотогашната употребена техника, а исто така работел заедно со поетот Ричaрд Алдингтон и Хилда Дулитл на идеи во врска со јазикот. Тројцата едно попладне решиле да започнат „движење“ во поезијата, што го нарекле имажинизам, со цел борба против апстракција, романтизам, реторика, инверзија на редот на зборовите и преголема употреба на придавките. Репости е збирка објавена во октомври 1912 година, со која Паунд се свртел кон минимализмот. Збирката содржела пет поеми од Хјум, како и превод на старата англиска поема од 18 век Морнарот.

Бил признаен преведувач

Научниците биле вознемирени поради неговите преводи од латински, италијански, француски и кинески јазик, нешто поради грешките, но и поради тоа што преводите не биле пренесени во културниот контекст. Неговиот превод на Морнарот добил многу негативни критики во 1919 година. Иако Паунд не знаел кинески, неговите преводи на кинеска поезија некои ги сметале за најдобри.

Списанието Егоистот се декларирало дека објавува дела од „кубизам, футуризам, имажинизам, и од сите форми на модерната уметност“, во што Паунд видел можност да го прошири имажинизмот во сликарството, и тоа го нарекол вортицизам. Сфаќањето за имажинизмот на Хилда и Ричард Алдингтон почнало да се разликува од тоа на Езра Паунд, што резултирало со невклучување на поезијата на Паунд во антологијата на поетите имажинисти финансирана од Ејми Ловел. Во јули 1914 година, Езра Паунд објавил дека движењето е мртво, и побарал од поетите да не се нарекуваат имажинисти. Тие не се согласиле, бидејќи не верувале дека движењето било на Паунд.

Париз (1921–1924)

Во јануари 1921 година, Паунд се преселил во Париз, каде се дружел со Марсел Дишан, Тристан Цара, Фернан Леже и други дадаисти и надреалисти, како и со Базил Бантинг, Ернест Хемингвеј, Хедли Ричардсон.Таа година ја објавил книгата Поеми 1918–1921. Во 1922 година, Т. С. Елиот му го испратил ракописот на својата поема Пуста земја, и потоа дошол во Париз за да работат заедно на средување на поемата. Хемингвеј исто така го замолил Паунд да ги прегледа неговите кратки раскази.

Во врска со виолинистката Олга Раџ

Во Париз во 1922 година, Паунд се запознал со американската виолинистка Олга Раџ, со која потоа бил во долга љубовна врска, која траела 50 години, а на која неговата сопруга Дороти замижувала. Езра и Дороти Паунд решиле да се преселат во Италија, во малото место Рапало, најмногу заради влошеното здравје на Езра во Париз.Во тој период живееле од парите што ги заработувала Дороти. Олга Раџ, која била бремена од Езра, ги следела во Италија, и во јули 1925 година ја родила ќерката, Мери, која веднаш ја дала во германско семејство да ја одгледуваат за 200 лири месечно.

Го признал вонбрачниот син на Дороти

Кога Дороти дознала за детето, го оставила Езра. Во декември 1925 година, Дороти заминала на долго патување низ Египет, и кога се вратила во март 1926 година, била бремена. Во септември 1926 година, Хемингвеј ја однел Дороти во болница, каде го родила синот Омар Паунд. Иако детето не било негово, Езра се потпишал како татко, а на неговите родители им напишал писмо во кое се пофалил дека „пристигна следната генерација“. Дороти синот го испратила кај мајка ѝ во Лондон, која го одгледала.

Во 1925 година, книжевното списание Овој квартал го посветило првото издание на Езра Паунд, заедно со пофалбите за него напишани од Хемингвеј и Џојс. Во март 1927 година, тој започнал да издава свое книжвно списание Прогонство, но биле објавени само четири броја.

Се восхитувал на фашизмот

Езра Паунд се восхитувал на идеите на фашизмот. На 30 јануари се сретнал со Бенито Мусолини, и покрај противењето на Хемингвеј. Во април 1939 година, отпатувал во САД, во обид да ја спречи Америка да се вклучи во Втората светска војна. Давал интервјуа и одговарал на прашања за Мусолини, заминал и во Вашингтон, каде се сретнал со сенатори и конгресмени. Во јуни 1939 година добил почесен докторат од колеџот Хамилтон, а потоа се вратил во Италија, каде започнал да пишува антисемитистички материјали за италијанските весници. Се вовлекол во политиката, пишувал илјадници писма годишно, и своите идеи ги изнесол во стотици статии, како и во емисии на радио. Сепак, италијанската влада се сомневала дека е двоен шпион, иако ги критикувал САД, Рузвелт, неговото семејство и Евреите.

Изнесувал антисемитистички идеи и на радио

Неговите радио емисии се слушале и во САД, и поради нив, бил обвинет за предавство „во отсуство“. Во своја одбрана му напишал долго писмо на генералот Френсис Бидл, правдајќи се со слобода на говор. Продолжил да снима емисии и да пишува, сега под псевдоним, сè до април 1945 година, кога бил уапсен. За време на војната, Олга го изгубила станот, и се преселила во мала куќа со ќерката Мери, а Езра и Дороти биле протерани од куќата во која живееле, па се преселиле кај Олга. За време на капитулацијата на Италија, Паунд бил во Рим, а потоа се вратил во Рапало.

Четири дена откако бил убиен Мусолини, на 3 мај 1945 година, партизаните влегле во домот барајќи го Паунд, но набрзо го пуштиле. Езра Паунд со Олга самите се пријавиле кај американските трупи во блискиот град Лавања, од каде бил испратен во Џенова, и испрашуван од ФБИ агент. Паунд понудил помош при преговорите за мир со Јапонија, и побарал да зборува на радио за мир со Јапонија, американско управување на Италија и попустливост кон Германија, но ова му било одбиено.

Обвинет е за предавство

На 8 мај, денот кога Германија капитулирала, Паунд изјавил дека Хитлер бил „светец како Јованка Орлеанка“, а дека Мусолини имал „несовршен карактер“. На 24 мај бил испратен во центарот за дисциплинирање на американската војска во Пиза, каде бил сместен во челичен кафез.

На 15 ноември 1945 година, Паунд бил префрлен во САД, каде на 25 истиот месец бил обвинет за предавство. Бил испратен во болницата „Света Елизабета“, а во јуни наредната година Дороти била прогласена за негов старател. Наредните 12 години Езра Паунд ги поминал во психијатриската болница, каде работел на преводи на делата на Софокле, Трахињанки и Електра, како и на своите песни.

Италија (1958–1972)

Кон средината на 1960 година, нагло ослабел и бил сместен во една болница блиску до Мерано. Дороти не можела повеќе да се грижи за него, и го оставила со Олга. Во 1962 година, Паунд присуствувал на неофашистичка парада. Пред неговата смрт, во 1972 година, било предложено да му биде доделена наградата на Американската академија на науките и уметностите, но поради големите спротивставувања, оваа идеја не била остварена.

Паунд починал на 1 ноември 1972 година, и бил закопан блиску до Сергеј Дјагилев и Игор Стравински, на гробиштата на островот Сан Микеле. Дороти починала во Англија, следната година, а Олга во 1996 година и била закопана до Езра Паунд.

Напишете коментар