Кога со неправда ќе се соочиш, а не можеш да се бориш против неа, не сакам да знаеш како е. Да не можеш да го одбраниш она што не се одбранува, да не можеш да го поправиш она што некој го расипал. Во дните сиви испреплетени со прашања, забуни и безброј одговори нестигнати до тебе, се имаш само себе. Не знаеш како е кога се мачиш да си дадеш објаснување, а тоа упорно бега во бледилото на непознатото. Ниеден одговор не сакаш да го прифатиш, па сам се прашуваш „зошто“.
Не знаеш како е, не ни сакам некогаш да дознаеш. Оти болката почувствувана на своја кожа никогаш не се посакува никому. Дури ни на смртен непријател. Нему само му посакуваш да го снајде она што тој тебе ти го посакува. Три пати повеќе од она што ти го мисли. Ништо повеќе, ништо помалку. Оти болката те прави слаб и силен истовремено. Кога еднаш ќе ѝ отвориш врата таа се засолнува во одаите на душата и си пушта корени таму. Одвреме навреме можеш да пробаш да откорнеш некој корен, но залудно е. Како пиреј си никнуваат нови, а ти само се учиш да живееш со нив.
Не ја занемарувај болката, но немој ни да ја игнорираш. Знае да биде замка која не ти дозволува да погледнеш пошироко. Ти прави сенка за да не можеш да му се израдуваш на изгрејсонцето. Ги ускратува тие сетилни уживања и радости на обичните, мали секојдевни нешта.
Еднаш ќе се појави некој со слични корени од болка во душата, па ќе ги препознаеш кај него. Ќе сакаш да му засадиш цвеќиња со среќа и радост, но ако не ти дозволи ќе си го носи понатаму неговите корења. Ќе посакаш да изградите шарена градина, толку голема и бујна, за да ги прикрие корените што ве влечат надолу. Тогаш тој ќе ти покаже дека не е подготвен да гради нешто толку значајно со тебе. Се повлекуваш бидејќи штом не сака да ги замени болните корени со цветна градина, немате заединичка иднина.
Си ги полеваш своите тазе засадени цветни растенија и не се грижиш дали ќе дојде некој со кој ќе ги одгледувате заедно. Се имаш себеси и тоа ти е доволно. Оти си сама заедно со сите неодговорени и разјаснети прашања, не ти треба никој друг. Оти сама си своја поткрепа кога ти е најтешко. Оти сама си заспиваше со солзи кои никој друг не ги виде. Оти сама се будеше и никој не знаеше како ти беше пред да заспиеш. Оти се имаш себеси и тоа ти е доволно.
Еднаш ќе се појави некој кој не си го чекала, но ќе ти покаже зошто е подобро да имаш некој до себе. Дека двајца можат многу повеќе заедно, а ќе му стане јасно дека тој тебе цел живот те чекал. Како што тебе ти е јасно дека кога никого не чекаш не се плашиш дека нема да дојде. Прегрната со својата благословена награда и казна, се засака себеси како никогаш досега. Не дозволувај некој да те сака помалку од тоа, оти не знаеш како боли мигот на себенељубење. Ако немаш љубов за себе тешко дека ќе можеш да ја препознаеш љубовта од останатите. Ако ти недостига љубов кон себе, засакај се.
Засакај се и види какви чуда ќе се изродат во твојата душа. Колку нежно можеш да си зборуваш за (во) себе. Бидејќи ти вредиш многу повеќе отколку што мислиш. Бидејќи ти си доволна на себеси за да бидеш среќна. Нежни мисли наброј си, уште понежно прегрни се со силата на своето постоње. Гледаш колку е моќно? Ја чувствуваш силата на своето битие кога се сакаш себе? Прифати ја таа моќ и насочи ја кон убави нешта. Не ја чувствуваш? Не е доцна за да си засадиш цветна градина. Почни од почеток и имај трпение. Кога ќе ги видиш првите никнати растенија ќе почнеш да ја чувствуваш моќта и убавината на себељубовта. И на себе вреднувањето, заедно себеприфаќањето. Ти посакувам сета болка што некогаш си ја почувстувал/а да се умножи со бескрајна радост и смирено прифаќање на непроменливата болка.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.