Петко Рачов Славејков — бугарски поет, публицист, фолклорист и политичар. Славејков бил еден од водачите на Либералната партија по ослободувањето на Бугарија, и Претседател на Народното собрание (1880), како и министер во неколку кабинети (1880-1881, 1884-1885).
Славејков имал четири деца, меѓу кои и политичарите Иван Славејков и Христо Славејков, публицистотот Рачо Славејков и поетот Пенчо Славејков.
Потекло и млади години
Петко Славејков е роден на 17 ноември 1827 година во Велико Трново, во домот на Рачо Казанџијата. Неговата мајка, Пенка, починала при неговото раѓање, а детето по чудо било спасено. Дедото на Петко Славејков, Рачо Чехларја, бил од Банско или Јакоруда. Поради убиството на еден Турчин кој го принудил да го носи на грб низ реката Глазне, тој бил принуден да побегне и да се пресели во Трново. Таткото на Петко, исто така, се викал Рачо, но не го зел презимето Казанџија. Тој бил слабо образован, но имал горд бугарски дух. Во селото на неговата мајка, Вишовград, Петко гледал славеи кои го импресионирале толку многу што го променил своето презиме во Славејков.
Славејков студирал последователно во Велико Трново, Дрјаново, Трјавна и Преображенскиот манастир. Сепак, интензивно се самообразовал со многу читање во библиотеките на манастирите околу Велико Трново. Главна улога за неговото образование изиграло делото „Историjа словенобугарска“ на Свети Паисиј Хилендарски. Подоцна учел во Свиштов (кај Емануел Васкидович) каде ги проширил своите знаења по грчки и се запознал со дела од српската и западноевропски литература. Неговото прво литерарно дело „Акатист на три светители“ е зачувано.
Просветна и литературна дејност
Во 1843 година Славејков станал учител во Велико Трново, но за напишаното негово дело „Се прославило Трново со славните грчки владици“ бил избркан. Од 1844 до 1864 година последователно бил учител во други села и градови – Трјавна, Видин, Враца, Плевен, Берковица, Бела, Елена итн. Работел како учител во првото класно училиште во Елена и му го дало името Даскалоливница.
Тој развил важни културни и образовни активности и до 1847 година собрал 2263 песни и поговорки. Од 1852 година ги печати првите книги – „Смесена китка“, „Песнопојка“, „Басненик“. Ја напишал поемата „Бојка војвода“ (1853) под влијание на револуционерните настани околу Кримската војна (1853-1856). Учествувал во заговорот за неуспешниот бунт на дедо Никола во Трново (1856). Како учител во Трговиште објавувал во бугарскиот сатиричен весник „Гајда“.
Редактирал бугарски превод на Библијата
Откако работел некое време во Варна, заминал за Цариград, поканет во 1864 година за да го редактира бугарскиот превод на Библијата (на источно бугарско наречје) од Бугарското библиско друштво заедно со Алберт Лонг, Елајс Ригс и Христодул Сичан-Николов, чиј комплетен превод бил отпечатен во 1871 година во Цариград.
Во Цариград, Славејков го издавал весникот „Гајда“ (1863-1867), весникот „Македонија“ (1866-1872), списанието „Ружица“ (1871), списанието „Пчелица“ (1871), списанието „Читалиште“ (1872-1873), во. „Шутош“ (1873-1874), „Костурка“ (1874). Славејков се појавил како најпознатиот бугарски писател во тоа време во Цариград. Издал повеќе од 60 книги, весници и списанија (оригинални и преведувачки). Тој учествувал во црковната борба и станал еден од нејзините водачи. Подоцна, тој бил учител во Бугарската егзархија. Во 1873 година ја создал познатата поема „Изворот на белоногата“.
Уапсен за врски со револуционерниот комитет во Букурешт
За написот „Двете касти и власти“ (во весникот „Македонија“) бил уапсен и обвинет за врски со револуционерниот комитет во Букурешт.
По патувањето до Македонија, во 1874 година Петко Славејков учествувал во основањето на бугарска гимназија во Едрене, каде се борил против грчкото влијание врз Бугарите. Подоцна бил учител во Стара Загора, пишувал воинствени песни (1876), и за кратко повторно бил во затвор по Априлското востание.
По заземањето на Стара Загора од руските војски во 1877 година бил назначен за претседател на градската управа. При последното палење на градот, тој ги изгубил многу ракописи и собраните 15 000 изреки. Во наредните месеци соработувал на руските војници, преведувал, станал сведок на победата кај Шипка.
Во своите дела, Славејков дополнително го изградил бугарскиот јазик. Пишувал историски патриотски песни и поеми, љубовна и пејзажна лирика под влијание на руските поети Александар Сергеевич Пушкин, Афанасиј Фет и Николај Карамзин. Зачувани се делови од историски патриотски песни (напишани најверојатно под влијание на Паисиевата историја – „Крумијада“, „Кралев Марко“, „Самуилка“). Издал два зборници со народни песни (1860, 1868), и ги обновил собраните изреки (17 000 на број).
Освен поет, писател и новинар, П. Р. Славејков во бугарската литература е познат и како преведувач, филолог, фолклорист, основоположник на бугарската литература за деца, автор на учебници, географ, историчар и мемоарист.
Во 1875 година Славејков станал дописен, а во 1884 година и почесен член на Бугарското книжевно друштво (денес Бугарска академија на науките).
Политичка активност (1878-1895)
По ослободувањето, Петко Славејков станал еден од водачите на новоформираната Либерална партија. Станал Претседател на Народното собрание (1880), министер за народно просветителство (1880) и министер за внатрешни работи (1880-1881) во владата на Петко Каравелов. За време на режимот на ингеренциите (1881-1883), Славејков заминал за Пловдив, каде што предавал во Пловдивската гимназија. По враќањето во Бугарија повторно бил министер за внатрешни работи (1884-1885) во новиот кабинет на Каравелов. По соединувањето на Источна Румелија со Бугарија, Славејков бил помошник комесар во Јужна Бугарија .
Ги издавал весниците „Остен“ (1879), „Целокупна Бугарија“ (1879), „Независност“ (1880–1883), „Трновска конституција“ (1884), „Вистина“ (1886), „Софиски дневник“ (1886) и „Правда“ (1888).
Петко Р. Славејков починал во Софија на 1 јули 1895 година.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.