Skip to content

Разговор – Блаже Конески

Јас замислувам разговор со тебе,
Некакво правдање,
Некакво објаснување.
Јас смислувам прикладни зборови,
Вистинити,
Топли,
Искрени докрај.
Можеби јас би ти кажал
Во тој дијалог
Дека, и покрај сето,
Ти си повлекла виножито
Над мојот живот,
Дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост,
Така што сѐ добило своја смисла,
Како само по себе да се создало чудо.
Можеби малцина, а можеби и никој
Не се измислил така себе си
Како што сме се измислиле ние двајцата.
Па сепак, и покрај тој голем подем
По гест и збор,
На крајот заклучувам
Дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор.

Напишете коментар