Со виор однесена – А. Лефкоска
Од очите те откорнав,
 во душата те сокрив,
 домот падна одронат,
 па и не ми треба покрив.
Ќе гледам наместо тоа ѕвезди како блештат,
 облаци како се тркалаат во сета таа вечност,
 ќе се помирам дека некои славеи само крештат,
 и дека на некои не им е судена бесконечност.
Од душата те зедов,
 под перница те сместив,
 ти се влечеше по сон велот,
 ме разбудија на јаве свирки и песни.
Среќни те носеа мајка ти и татко ти,
 но, ко да гледаа со сила преку тебе,
 а ти – со соништа уште недосонувани,
 за сите иста, само не за мене.
Од перница те извадив,
 на хартија те сместив,
 изградив ѕидови
 од тие стихови и песни.
И вечерта кога повторно ко Богородица пред мене се јави,
 и без збор гледаше како ги тапкам рацете треперливи,
 токму кога ќе ти речев „Ајде, ајде – не молчи туку кажи”,
 промумла тивко и отидоа зборови во виор однесени,
 и тогаш сфатив дека,
 во очите на таа жена –
 тебе веќе одамна те нема.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.

