Ѓорѓија Пулевски или Ѓорѓи Пулевски (1817, Галичник – 13 февруари 1893, Софија) – македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач. Пулевски е автор на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик.
Борец за македонскиот јазик
„Народ се вељид, људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор, и који, живувајед и кои се другарад еден, со, други, и који, имајед, једнакви, обичаји и песни и весеља, тије људите ји викајед народ а место, во које живувад, народ, се вељид отечество, од тои народ“.
Не помалку е значајна неговата културно-национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово првопечатено дело е Речник од четири јазика (или четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година.
Втората објавена книга на Пулевски е Речник од три јазика (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 г. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет.
По неуспехот на македонското Кресненско востание и неговото заминување во Софија, во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја Самовила Македонска, во која ги споменува Филип Македонски и Александар Македонски како предци на денешните Македонци, кои 300 лета пред Христа ја повладале целата вселена. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја Македонска песнарка (во две книшки). Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни.
Славјанско-маќедонска општа историја
Меѓутоа, посебно место во претставувањето на делото на Пулевски зазема неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“, завршена во 1892 година непосредно пред неговата смрт. Ова негово капитално дело беше објавено во целост од МАНУ и Фондацијата „Трифун Костовски“ во 2003 година, а еден негов дел односно „Царственикот Велики Александров“ бил издаден од Институтот за национална историја во 2005 година во Македонија со наслов „Македонска Александрида“, и двете изданија под редакција на академик Блаже Ристовски и проф. д-р Билјана Р. Јосифовска.
Делови од текстот на Самовила Македонска
Поемата е напишана на свесно архаизиран јазик, со стрикни своевидни укажувања како каде да се пее и започнува со стиховите:
Сверх планиње македонски ежедневна темнина,
Дал’ покрила темна могла ил’ темен облак?
Дал’ естество ноќ створило – темно да биде
в Кралевину Македонску од времја оно до века,
та в темнина току се слушат страшен викот, пљускотит?
Оно не је темна могла, нито тотон, а ни топови,
току је тожба самовилска сверх сви планиње.
току је тожба самовилска сверх сви планиње.
Ѓорѓија Пулевски го дава плачот на Самовилата Македонска што ги повикува сите сестри од македонските планини за да ја чујат несреќата на Македонија, зашто:
Берлински конгрес што написа – условија не исполни,
та полошо ни направи в Македонија.
Македонски мајки пиштата, а Јевропу милно мољат:
„О Јевропо христијанска, дал’ не слушаш наши плач?
О Јевропо, мила мајко, што ни остави под турска власт?“
Чујте, жители македонски! Назе ништо не ни чекат:
од азијатци – насилије, а в туѓина – укорство.
Туѓа страна је непријатна, а в туѓина ве напорки гледат
И несносни прешебови свијем ни вељат.
Во поемата Пулевски исто така сожалува за неисполнетото обединување на Македонија со Кнежевство Бугарија:
На илјада осумстотини седумдесет и осмото лето;
Тога Руси повладае све Отоманство,
И полостров одсвоже, та Цариград обколие,
Во свети Стефан се сместие и се сложие.
Турчин даде свит слобода, а потврди свободител.
На Кнежевство сви Бугари, да си владает.
Македонци Бога молие, поживи ни избавител.
Дај му Боже многу летно дејствие.
Оту нас ни ослободи, во Кралевину македонску.
Да се соединим со еднородних заедно.
А Енглиска учини пречка, крена глава најави борба.
Та никому не препјатсвува, токмо само нам.
Через назе да ни разделит, од нашии браќа Бугари.”
Потоа доаѓа главниот родољубив македонски набој, повикувајќи ги Македонците на своето славно минато на своите цареви Александар Македонски и Филип Македонски и своето царство на античките Македонци да се кренат во борба за слобода:
Дал’ сте чуле, Македонци, стари људи оту говорат:
От Македонци појунаци над них не било-
Цар Александар Македонски тристо лета пред Христа
Со Македонци сву вселену повладал
Наш краљ Филип – Славјанин је, Цар Александар – Славјанин
Наши баби Славјанки ги родиле.
Македонци, сетите се за јунакство македонско,
та спроти старих вије сега да следувате
Не је страмота своје искати, ни за жал за своје умрет.
Поемата завршува со следните стихови:
Турски зулум ни презели над наша чест македонска,
Јал’ браните си ил’ сви до един да изгинеме!
Род браните од Аграјанци! Сви за ден живот да сложим!
Зато, јунаци македонски, пробудите се!
Похарно је да изгинеме в наша мила татковина,
отколи оваке да гледаме свјако злосторство.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.