Денес е четврток, времето многу брзо поминува, точно 5 дена како Ве изгубивме. Празно е во нашите срца, полни со солзи се нашите очи, а грутката во грлото постојано нè гуши. Вие бевте прекрасна жена, професорка, пријателка, но и како мајка на секој од нас. Животот понекогаш знае да нè изненади, но не мораше на ваков начин. И навидум сè, се враќа во некоја нормала и животите продолжуваат да течат. Сите ние многу жалевме и се прашувавме зарем мораше така да биде? Зошто сега? Зошто вие?
Во најпеколните денови пред 6 месеци бевте до мене, ме подржувавте и ми бевте ветар во грб, секогаш со топол збор. За сите имаше разбирање во вашите топли очи и место во вашето срце. Никогаш никој не отфрливте и не дозволивте да останеме сами. Посебно нè разбиравте нас, кои бевме „дојденци” во големиот град. Секоја ваша прегратка на скалите за мене беше многу значајна, а посебно последната. Ви ветив нема да се откажам од мојата борба.
Најмногу ми е жал зошто не ве гушнав посилно или барем да ви кажев дека сте мојот идол, иако длабоко во себе верувам дека знаете. И знам дека никогаш нема да не оставите сами и секогаш ќе нè чувате од таму некаде! Бескрајно ќе недостигате, ветувам дека секогаш ќе бидете во моето срце и ако еден ден станам професор се надевам ќе бидам како вас. Почивајте во мир професорке Вашата „брбливка”.
Габриела Стоимановска