Веќе предолго зборовите се пишат
и бришат во иста секунда..
Налегнуваат и со голема цврстина се држат
за листот хартија.
Повикуваат на двобој,
повикуваат на олеснување.
Заслужуваме да бидеме чуени-тивко шепотат.
Кукавечки молчам пред нив и ги сопирам,
како да сопирам бура од емоции
на која браната попушта.
Неспремно го чекам мигот на моето потопување.
Земам длабок здив, спремна за борба
со целата тежина која ќе ме потопи,
ќе проба да ме убие,
да ме сокрие без траг и глас.
Од некаде го здогледувам тој лик,
кој нуди топлина со само една насмевка.
Ја допирам раката пред мене
и чинам како да ми го прегрнува срцето
со необјаснета топлина.
Ме одминува, слатко се насмевнува и си оди.
И јас веднаш знам дека некои луѓе
како сонце бликаат во таа зимна белина
која душата ми ја заледува.
Знам дека некои луѓе со самата појава се топлина,
убавина и нежност.
Па душата сама ти се разбудува и насмевнува.
Срцето ти е топло и некако несвесно
лицето црта една крива искрена линија.
За тие се живее.
И не знам како сè премалку пишуваме за нив.
Како навикнати да го насликаме
и прикажеме она што нè боли.
Листот хартија велиме може повеќе да издржи,
само нека излезе целата црнила од нашите срца.
Нека покапат капки солзи врз нив, нека падне браната,
Нека нè поклопи, нека нè собере.
Утре ќе биде подобро.
Ќе бидеме полесни за неколку грама.
И додека пишувам некако несвесно, некако свесно….
Од целата црнила си нацртав едно сонце.
Барем знам луѓето за мене нема да пишуваат,
но вечно ќе ме паметат
и после средбата со мене ќе се чуствуваат потопло,
како да наминале на топол чај
во своето омилено катче.
Но сега чукна часот за пуштање на браната,
онаа мрачната.
За да се спротивставам пред неа
со сиот жар, гордо.