Skip to content

Различности – Михаил Ренџов

Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седело
И дрво без седело.
Во седелото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.
Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.
Бубалката ни брмчи
И ни го населува увото
Другото е заради различност.
Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.
Човекот без тага си ти
А оној со тагата сум јас
А постојам само заради
Различност.

5 април 1985

Напишете коментар