Најдов една стара кутија облеана со златна прашина. Имаше иницијали П.В. Беше на таванските простории каде ги чувавме оние стари дреболии кои никому не беа потребни, но не сакавме да ги фрлиме. Не сакав да ја допрам. Уште помалку да ја отворам . Знаев дека штом има иницијали, мора да припаѓала некому. Некому кому му значела и таму се чувале некои скришни тајни кои не треба да допрат до никого. До ничие срце. Ја сокрив што можеше поскришно. За никој да не ја најде. Никогаш. Можев едноставно да ја фрлам. Дали можеби некој знае дека оваа кутија стои тука заборавена? Дали можеби ќе ја побара и ќе види дека ја нема?
Потоа, не можев да спијам цела вечер. Уште помалку да се смирам. Таа кутија ми донесе немир. Ми донесе прашања за кои немав одговор. Се прашував зошто некогаш мора да најдеме некои работи кои можеби никој не би требало да ги најде. Никој не би требало да дознае за нив. Но, ете беше најдена и тоа токму од мене. Решив да ја вратам на местото каде ја најдов. Тогаш сфатив дека некои работи треба да бидам токму на местото каде некој друг ги ставил, тоа е она место каде требало да бидат ставени. Ја вратив на своето старо место. Почуствував олеснување. Којзнае, можеби еден ден ќе ја пронајде токму оној за кого е наменета, или кој намерно ја заборавил?
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.