Да ти бидам пладне во април – Лина Димоска

Јас и ти се изгубивме еден со друг. Ти ме изгуби барајќи ме некаде во претходните искуства, а јас лутајќи со страв низ иднината. Барем на кратко се имавме еден со друг за многу да научиме за себе. Мене ми остана една желба што длабоко во мене ја закопав, да ти бидам пладне во април. Во широки тренерки и во маичка со кратки ракави да излезам низ вратата. Твојот жолт пес да ми се плетка низ нозе, а јас да го извадам стапалото од влечката и нежно да го погалам по главата.

Полека да се симнам во дворот, под црешата во твојата градина. Неколку празни саксии да извадам од мудбакот. Со дланкиве да грабам песок од вреќата и до пола да ги наполнам саксиите. Во нив да засадам цвеќиња, такви какви што претходниот ден ми дала продавачката. Ич не се разбирам во цвеќиња. Затоа сум купила такви какви што ми дале. Убаво да ги закопувам во земјата, со внимание. Ноктите од прстите сум ги исекла за да не ми влегува кал под нокти, ич неќам кал под нокти да имам.

Откако убаво ќе ги закопам в песок, во една кофа ќе наполнам вода од чешмата од дворот. Твојот жолт пес постојано чекори околу мене, ми ги се плетка околу нозе, скока и ми ги допира бутовите, а кога ќе му довикнам весело мафта со опашката. Ти полека се измолкуваш од креветот. Сфаќаш дека внатре ме нема. Одиш до кујната и на плинско ставаш да се варат две јаки и слатки кафиња, исто онака како што ги сакам. Брзо зоврива кафето. Ги полниш филџаните до врв оти знаеш дека ќе мрчам ако бидат половина полни.

Излегуваш низ врата и ме гледаш како ги полевам саксиите со цветовите кои допрва треба да расцветаат. Филџаните ги оставаш на масичката. Чекориш кон мене. Ме гледаш како да сум уметничко дело создадено само за тебе. Ми се добижуваш. Ме фаќаш околу половината и главата си ја потпираш на моето рамено. Мојата кадрава коса ти се плетка околу лицето. Јас се вртам кон тебе и успевам да ти ја дофатам едната страна од усните. Нежно те бакнувам. Твојот мирис ми е поубав од оној од цутот на црешите. Ме држиш така дури ги полевам цвеќињата. Потоа двајцата одиме кон кафето.

Нешто зборуваш, а јас целосно ги занемарувам зборовите гледајќи те. Се губам некаде во тебе и не ми јасно што си ми направил ти за јас да станам таква каква што сум станала, да садам цвеќиња, да готвам, да простирам облека, да си ги исечам ноктите за да можам да ти месам пита со афион. „Не знам шо ти е денеска, ко да не си ти. Ништо не ме разбираш шо ти зборувам.“, ми велиш, а јас некако наивно се смешкам. Пиеме кафе, ти пушиш цигара, твојот жолт пес си ја потпира главата на моето стапало. „Не оди боса, ќе настиниш.“, ме прекоруваш кога ќе видиш дека сум боса.

Толку малку сакав со тебе, а толку многу. Оти убавината е во некои мали, навидум глупави, секојдневни ситници од кои се гради животот. Можеби ти си ми грев, ама и казна си ми за гревот. Оти поголема казна од тоа да ти остане желбата за некој, нема. Верувај ми, нема.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели