Патот е прав
Ја сече рамината на две
И далеку некаде, далеку
Се разложува во измаглица
Пуст зов на далечината
По некоја птица прелетува преку
И ја крши таа едноличност
Што сме ја изградиле сами
За да му одмаздиме на времето
Кое божем нè забавува
Тој оди, а коњот во него се опира
Ја гризе уздата, ја гризе
Во поривот да скршне скраја
Од пустата права насока
Да скршне на спореден пат
Низ бујакот од тајни сенки
Низ поставените заседи
Митски огнови, црвени очи
Немир во патните длапки
Човечки стапалки и нешто
Што останува да се насети.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.