Skip to content

Две патриотски песни од големиот македонски поет Ванчо Николески

Ванчо Николески (Црвена Вода, Охридско, 10 јуни 1912 – Црвена Вода, Охридско, 15 април 1980) — македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина.

Роден е на денешен ден. Во негова чест, споделуваме две негови песни напишани за нашите големи народни херои.

Гоце  Делчев


Над Кукуш ноќта легнала,
запалил месец борина,
Султана лулка лулела,
на Гоце песна пеела:
„Нани ми, нани детенце,
јуначе да ми порастеш,
с јунаштво да се прочуеш,
пред црна турска робија
главата да не ја веднеш…
Ѕвечеле ропски синџири,
немало нигде правдина,
пораснал Гоце – извишил
ко зелен бор во планина.
Тежела пуста робија,
плачеле деца в пелени,
Гоце ми пушка нарамил –
отишол в гори зелени.
За живот и за правдини
бунтовен оган запалил,
цел народ в борба покренал –
јунак се Гоце прославил.

август, 1948 г.

 

Песна за Јане


Низ долој тече
пенлива Струма,
крај брегот лисни
ракити шумат,
гулаби в сини
простори летат –
моми на Јане
венци му плетат.
Калеши овци
пасат низ лагој,
а меден кавал
ѕуни низ долој,
се носи свирка
в падини, гори –
овчар за Јане
низ кавал збори:
„Вишете мои
гулаби горе,
над ниви, трла,
пиринско борје,
над Пирин, Кукуш
и Прилеп рамен,
шири се, носи,
песно за Јане!“
Април, 1948 год.

Напишете коментар