Фалење – А. Лефкоска
Не знае светот
 колку му се натежнати дните,
 ниту како секоја вечер в сон му чкрипат вратите затворени.
Не знае светот
 како душата в гради жива му умира,
 како гори и гори, а потоа се гасне ко ѕвезда непадната.
Не знае светот
 меѓу кои чаршафи ноќе му оди главата
 и од чии усни в соништа вино од малини испива,
 не знае светот
 од чии раце – грешно срце нежно таму си измива.
Не знае светот
 по чиј глас болува
 и чии очи му трепкаат в свест
 штом пролет замириса и прелета ко пеперутка,
 не знае светот
 што темно му е штом прво сонце му ја огрее душата.
Не знае светот
 што болка и мака носи во себе
 а не знаеш ни ти колку колва, гори
 и носи тага тоа таму, тоа внатре по тебе.
Не знае –
 Не знае светот,
 а не знаеш ни ти,
 колку само му фалиш на поетот
 во тие отежнати дни.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.

