Денес ги споделуваме стиховите од поемата „Предели на несигурност“ на македонскиот поет, Влада Урошевиќ. Како и во секоја претходна поема, така и во оваа Урошевиќ не отстапува од својот уникатен стил. Иако кратка, песната е прекрасно склопена, а она што најпрво паѓа во очи е користењето на персонификација за на крај, мајсторски да се дојде до пораката која поетот сака да ја искаже и да му ја пренесе на читателот. Која е таа порака и како Урошевиќ ја пренесува, прочитајте подолу.
Планини што страдаат од вртоглавица.
Езера што панично се плашат од облици.
Камења што од долго стоење стануваат меки.
Птици што лазат низ подземни ходници.
Пејзажи во кои грмушките се доближуваат едни до други.
Пејзажи во кои куќите се оддалечуваат едни од други.
Рамнини во кои џиновски лилјаци ги гонат осамените дрвја.
Реки што долго се премислуваат пред своето устие.
Мочуришта во кои тонат сенките на минувачите.
Шуми што долетуваат ноќе со меки кадифени крилја.
Соѕвездија што постепено се селат во туѓи краишта.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.