Прв училишен ден, на моите внуци со мене во друга земја. Ги носам во училишниот двор, за мене е едно восхитувачко и непредвидливо чувство. Јас имам повеќе трема од нив, тие веќе знаат што и како одат процедурите. Се редат во редица, доаѓаат насмеани учителки, нема врева, нема викање, сите се редат едно зад друго, со сини торбички во раце, со сини џемперчиња, сиви панталончиња или здолништа. Насмеани, радосни, како што се и сите деца. Ги има многу, од најразлични нации и бои. Бели, црномурести, црни, моите некаде помеѓу.
Радост ми е. Ми буди едно сеќавање на моето детство, кога во средно училиште и јас одев со униформа. Бевме сите во униформи, црни со бели јаки, немаше разлика меѓу нас, за разлика од сега, кога нашите деца и нивните родители се натпреваруваат кое дете ќе биде поубаво облечено, иако сите збруваме дека е голема сиромаштија. Попладнето одам да ги земам. Очекував врнежливо време, бидејќи ми кажуваа дека во оваа земја има само дожд, дожд и дожд. Англија, Манчестер.Се заморувам од топлото време и од одењето. Во училишниот двор има неколку клупи, на кои родителите можат да седнат.
Здогледувам една млада жена со шамија на главата, со долг фустан и боси нозе во ниски чевлиња. Го заборавив јазикот на оваа земја, бидејќи еден туѓ јазик ако не го зборуваш, со време ќе го заборавиш. Ја прашувам, дали можам да седнам, таа се насмевнува и ми вели дека може. Убава млада жена, со темен тен, со убава насмевка, со бели бисерни заби. „Знаете, мојот англиски не е толку добар“, ми вели. „И мојот не е“, ѝ одговарам. Се смее, „не, не, навистина мојот е многу лош, ама ќе научам.
Знаете јас сум од Пакистан. Овде сум веќе две години, со мојот сопруг и моето девојче. Тоа учи заедно со вашиот внук. Таа се вика Ада. Мојот сопруг е таксист, а јас не работам“. Нејзиното име не ми го кажа. „Јас го знам вашето внуче уште од минатата година, кога вашиот сопруг ги носеше вашите внуци во училиште“, продолжува. „Неее, се смеам, тој не ми е сопруг. Тој е дедо по мајката на моите внуци. Мојот сопруг ќе дојде наредниот пат“. И тука завршува нашиот разговор, затоа што јас не знам што друго да ја прашам, дали смеам да ја прашам, колку можам да ја прашам.
Во деновите што следат, ритуалното носење и земање на внуците продолжува, но контактот со неа не продолжува. Не знам зошто, некако се оддалечи од мене. Се држи на растојание, како да се плаши од блискоста што би можела да се развие меѓу нас. Ниту јас не настојувам. Се поздравуваме учтиво со насмевка, со добро утро и толку. Малку ми е чудно, но ете, децата ми велат дека не треба да настојувам, дека тоа што таа ми се обратила е дури и многу за оваа земја. Тука, никој никого не загледува и не се “ џари“ што и како носи, какви чевли, дали има фризура.
Буквално, кој како му одговара така тргнал од дома. Во првите денови ми беше многу чудно тоа, но потоа полека се навикнувам. Се навикнувам да ги гледам децата во фустанчиња со кратки ракави, со боси нозе, бебиња само облечени по боди со куси ракави и боси нозе. Родители со зимски, долги елеци, а со боси нозе, во влечки. Буквално, верувајте ми, како што си биле дома, така излегле. Но за тоа би ви кажала некој друг ден. Се навраќам на запознавањето со младата жена од Пакистан. Едно утро, одеше пешки пред мене, со девојчето фатено за рака. Како да брзаше да ме избегне.
Разговараше со една жена, исто така со шамија. Децата заминаа, таа побрза пред мене. Не сакав да ѝ пречам. Ако таа сакаше можевме заедно да одиме. Влезе во една улица, пред улицата во која седат моите деца, но во истата населба. Ми беше чудно, не можев да си ја објаснам ова чудна работа, ова чудно затворање во себе. И, сега останав со многу прашања неодговорени, што направила, кога си го напуштила родното огниште!!? Го заменила едниот ,,затвор“ со друг! Бидејќи, барем за мене, таа ништо не добила од тоа доаѓање во оваа далечна земја.
Барем сега, тука, во оваа земја со полна демократија, би требало да биде поинаку за неа. Но, ете…сепак нешто добила. Добила слобода да се движи, да не се плаши од насилство, да учат нејзините деца, иако на друг јазик. Мајчиниот ќе го зборуваат дома, за да не го заборават, како што и ние зборуваме со моите внуци. Но, сепак не е исто, не е, ниту пак некогаш ќе биде. Не ја извадила шамијата, иако, ако таа така одбрала и не мора, оваа земја не им забранува да носат шамии на главата, да ги носат своите традиционални носии, да го зборуваат својот јазик.
Не се дружи со комшиите. Но овде и нема некакво големо дружење. Сите работат од 9 наутро до 17ч. попладне. Немаат време, не работат блиску, сите одат на работа со автомобили, со автобуси, такси, метро. Немаат маалски продавници, или ги има многу малку. Се поздравуваат љубезно со насмевки, за добро утро или добар ден и толку. Нема одење на кафе или на лаф- муабет, седење по кафичи на пладне или приквечерина. Нивното дружење е во деновите во викенд, кога ќе сретнеш многу луѓе во маркети, големи трговски центри….но тоа е друга приказна.
Па… и кај нас завладеа едно ново време, и ние се оддруживме и одродивме, поради короната. И кај нас не е којзнае што поразлично, навистина е, но сепак не е. Се надевам дека нејзината ќерка, нејзините идни деца, кои ќе ги има во иднина, зошто е млада, ќе имаат можност да ги уживаат благодетите што оваа студена земја (иако јас овде видов повеќе сончеви денови, отколку што кажуваат дека има), овој голем град, колку мојата малечка Македонија ќе им ги даде. Да се школуваат, да научат да читаат и пишуваат, да излегуваат и да се дружат со своите врсници, што во Пакистан не можат.
Па и да не се дружиме, јас сум тука само еден месец, можеби тој ѕид, што таа го крена меѓу нас, еден ден ќе го дигне, ќе ме погледне со тие убави кафеави очи, како на повредена срна, ќе застане пред мене и насмеано ќе ми проговори, за сè што ја мачи. Па и на лош англиски јазик да е, пак ќе се разбереме, ниту мојот не е којзнае каков. Дотогаш, јас ќе почекам и ќе ја поздравувам како сосетка, како мајка на девојче, другарка на мојот внук. Но, тогаш ќе биде некоја друга приказна. Се надевам…
Снежана Паноска