Skip to content

Избор песни од поетската книга: „Часови по измама“ од Наташа Сарџоска

Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поетеса, писателка, антрополог, литературна преведувачка, полиглот. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт. Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“, како и голем број раскази, есеи, колумни и академски трудови. Нејзини книги се преведени и објавени во Италија, САД, Аргентина и Косово. Нејзината поезија е преведена на повеќе од 15 светски јазици и објавена во познати светски книжевни ревии и антологии (Колумбија, Италија, САД, Аргентина, Мексико, Чешка, Израел, Грција, Србија итн.). Повеќе за нејзината биографија на следниот линк.

Во продолжение прочитајте ги песните од најновата стихозбирка: „Часови по измама“ во издание на Издавачки центар ТРИ, 2023.

Час по измама

Одлучивме утрото да биде од свила:
му ја фрливме нежна и стаклена
низ ноздрите.

Преку твоите плешки
се исцртуваат линиите од бојното поле,
од минатото замки и заседи:

ти така си го запознал животот.

Но ти сега
пробојно и прободено
го газиш езерското дно.

Од другата страна две деца
нѐ заплашуваат со змија
што ја нема. Или ја снема.
Нема сега ништо.

Такво е колебањето на илузијата.

Ти им рече
еве ја зад каменот
ене ја над сводот
ете ја во вирот.
И децата ти поверуваа и

упорно ја бараа.
Со прстите, слепечкум
го допираа светот и сите негови
привиди и проблесоци и промени.

Таков е ритамот на животот.

Потем, ги собра останките
од твојата лична воена историја,
светлината со својот нечитлив ракопис:
твојата научена митологија.

Ти не се сомневаш. Сигурен си.
Ти знаеш: немаше тука
никаква змија.

Зашто само убодот нѐ учи толку јасно
што е животот.

Ти им го одржа нивниот прв детски

час по измама.

Репортажа на заборавот

Во стаклена градина песот ги бара своите парчиња –
ветена храна. Под крупниот песок
северното семејство ги крева чадорите
против усвитеноста. Таа ги боли.

Но одбивањето не е решение. Тоа добро го знаеш.
Знаеш и дека отпорот нема да те ослободи
ниту да те направи бунтовник. Нужна е нежност.

Топката се одбива од водата. Без очекување.
Ја исцртува кружницата на судбината –
уште еден апстрактен поим без симболика.

Сѐ уште во дното на телото шепотат твоите заривања.
Французинката прашува базен или море. Таа бара место
за да го удави опсенот, себезалажувањето: децата.

Нешто мора да се искорени.
Косата или коската, навиката мора да се истегне –
тоа е чин против хазардот на набљудувањето:
против влезот во историјата

на заборавот.

Нов орган

За Мирко

Нема процес ниту процеп
сами сме ти и јас и само протокот
од нашите очи нѐ храни. Иако
температурата не е доволна
за да нѐ слее – за да се излееме
надвор од овие тела – сакаме
да потечеме сега кон градите, но тоа го
можеме само со отворени ребра што се кршат
под копјата на тишината.

Немите јазици
испишуваат предвидување
тука, во белите дробови
кои ја кинат плеврата и
го голтаат срцето и неповратно
сраснуваат: градат нов орган –
еден сосема нов и невиден
љубовен поредок.

Ехо на тишината

Не те прашувам зошто. Затоа што
и не се прашува ништо. Јас не ја знам причината
за овие писма. Ми остана само бледиот спомен. Профаното
сеќавање. Неизбришливиот жиг. Самата
сега знам како да ја испеам реликвијата на недостојните.
Јас знам како се случува сето ова. Знам како паѓа сенката
врз завесата на белите ноќи. Знам како ја забораваш
немата радост во грлото. Знам како се дави
твојот одговор во скитничкото ехо на тишината.
Јас знам. Знам. Знам како го убиваш своето срце
уште пред да ме убиеш мене во него.

Бескрвно

Ако копаш во твоето срце
ќе најдеш стуткана змија.
Не ја допираш. Се плашиш
дека ќе те гризне.
Го затвораш срцето
и се прашуваш дали
може и така да се живее:
згрчено и
бескрвно.