Мајска ноќ – Алфред де Мисе
Музата
Поету, земи ја лаутата и дај ми бакнеж;
Шипинката го чувствува својот цвет со отворен полнеж,
Пролетта вечерва се раѓа; ветровите ќе пламнат;
И тресиопавчето чекајќи зора,
На првите зелени грмушки почнува да се појавува во блиската гора.
Поету, земи ја лаутата и дај ми бакнеж.
Поетот
Колку е темно во долината!
Помислив дека еден фантом
Лебди таму во шумата.
Излегуваше од ливадата;
Стапалата негови го уништија цветот;
Вообразба беше таа чудна;
Што избледува и исчезнува како фантазија апсурдна.
Музата
Поету, земи ја твојта лаута; над тревата ноќва,
Развигорецот го нишка својот миризлив вел
Розата, во пупка љубоморно се затвора безмоќна
Пред бисерниот стршлен кој умирајќи се опива од неа цел.
Слушај! сè е тивко; сонувај за твојата љубена.
Вечерва, под липите, низ темните гранки
Сонцето заоѓа слатко збогум кажувајќи
Вечерва сè ќе цвета: природата постојано жива
Со шепотења, парфеми и љубови се слива,
Како среќен кревет на двајца млади сопружници.
Поетот
Зошто срцето ми чука толку забрзано?
Од каде во мене доаѓа овој немир
Што се чувствувам толку вознемирено?
Дали некој чука на мојата порта?
Зошто мојата светилка која едвај светка
Ме заслепува со нејзината глетка?
Господе Боже! целото тело мое трепери.
Кој доаѓа? Кој ме повикува? – Никој.
Сосема сум сам, часот чука во овој неспокој,
Ох, осаменост! Ох, немаштијо!
Музата
Поету, земи ја лирата; виното на новата побуда
Клокоти боженствено вечерва во страсната возбуда
Моите гради се немирни; сладострасноста ги угнетува,
Од пламените ветрови усната ми гори и распламтува
Ох немарно детиште! види , колку сум убава.
На нашиот прв бакнеж, не се сеќаваш зарем,
Кога те видов како пребледе во моево крило,
И како во прегратки ми падна плачејќи спарен?
Твоја бев утеха во страдањето горко
Жално, но толку млад од љубов умираше
Сега ти биди утеха моја , не оставај да умрам од надеж
Молитва ми треба за да го видам новиот ден.
Поетот
Дали си ти чиј глас ме повикува,
О моја кутра музо! Дали си тоа ти?
О мој цвету! О моја бесмртничке!
Суштество едно скромно и верно
Кое сè уште ме љуби неизмерно!
Да, еве, тука си, девојко моја,
Љубовницо и моја сестро!
И чувствувам, во длабоката ноќ,
Твојот златен фустан кој во злато ме бања
Зраците негови во срцево ја чуваат најскапоцената тајна.
Краток осврт
„Мајска ноќ“ е песна која припаѓа на збирката песни „Ноќи“, објавена во 1835 година од францускиот поет Алфред де Мисе. Поет кој припаѓа на романтизмот, уметничко, книжевно и интелектуално движење кое се појавува во втората половина на XVIII век во Европа. Во своите книжевни дела тој успева да ги воздигне неговите чувства, особено неговата љубовна тага.
Всушност, „Ноќи“ е збирка песни кои на симболичен начин ја поврзуваат љубовната врска што ја имал со Жорж Санд, писателка и негова љубовница. Таа е причина за неговите страдања, кои тој има намера да ги разоткрие и надмине преку поезијата. Песната Мајска ноќ е манифест на романтизмот и романтичарската поезија.
Во песната Мисе се претставува низ ликот на „Поетот“ кој зборува со „Музата“, односно инкарнацијата на неговата инспирација. Овој дијалог овозможува и двајцата да ги откријат движечките сили кои се кријат зад создавањето на песната во која поетот го изразува сопственото страдање.
„Мајска ноќ“ е пред сè песна- израз на љубовен очај. Болката е таа што е сеприсутна во говорот на поетот. Музата е онаа која се обидува да му даде утеха и е негова сестра, девојка, мајка и доверителка.
Музата, како жена, претставува мноштво женски фигури, од кои сите се движечки сили за неговата инспирација. Taa е алегорија на самата поезија, таа штити и инспирира.
Поетската динамика се заснова на оваа алегорија, која му овозможува на Мисе да води дијалог со својата сопствена песна.
Дополнително, играта на светлината присутна низ целата песна ја обликува сцената: „полумртва светилка“, „светлина“ или дури „зраци“ се сите изрази кои се однесуваат на светлината, според тоа, на уредувањето во просторот на песната. За самиот Мисе, иснпирацијата е илуминација, просветлување.
Музата, симболот на поезијата, за разлика од болката е вплотена чистота.
Исто така, за разлика од целосно земната реалност, Музата слегува од небото и го отелотворува божественото совршенство. Зашто, вели самата, за да му ја олесни болката на поетот, таа се спушта „од височината на небесата“. Пред сè, таа доаѓа да ги искорени лажните изговори што владеат во земниот живот.
Поезијата тогаш станува религија. Самата муза се појавува како ангел, со придружна светлина. Таа е „бесмртна“ и нејзината подготвеност да страда со поетот („Дојди, страдаш, пријателе“) потсетува на Исус кој самиот се спуштил на Земјата да страда со луѓето.
Но, покрај оваа помош што му ја нуди музата, таа му заповеда да создава нови песни, кога го користи императивот: „Поету, земи ја лирата“.
Музата му се јавува на поетот за да може да се ослободи од неговата болка. Парадоксално, песната завршува со интервенција на Поетот, како тоа да означува дека таа го нема последниот збор.
Поетот е сам, а сепак зборува. Мисе ја задржува двосмисленоста и му сугерира на својот читател дека Музата не е никој друг туку самиот тој. Тој самиот си дава поттик да создава нови песни знаејќи дека неговата болка е корисна за неговото творештво. Песната е можност да го изрази своето внатрешно „јас“, или подобро: да го истражи.
Така тој ја презема потрагата по неискажливото, барајќи ги во длабочините на своето битие се кријат причините и еманациите на сопственото страдање.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.