Уште еден ден во низата. Навидум сличен на претходните денови, но нималку ист на ниту еден претходно. Денот беше протечен малку повеќе од половина кога одлучив да појдам до продавница на пазарување некои важни работи што требаше да ги купам. Се движев и размислував колку многу работи сè уште не сум доживеала. „Сè во свое време“, си реков во себе и продолжив да чекорам со лесен чекор. Надвор беше полутемно, автомобилите минуваа по улиците, луѓето чекореа секој во својата насока. Испазарив сè што ми требаше, со торбичката на рамо се враќав кон дома.
На патот додека одев, едно мало црно маче со трчање почна да преминува улица, а во истиот момент забрзан автомобил му го пресече патот и го удри. Мачето беспомошно, легнато на земја настрана почна да се тресе и да се бори за живот. Го гледав сакајќи да му помогнам, но не знаев како. Ништо не можев да направам. После кратко време откако се тресеше почна да крвари, една голема локва крв почна да тече под него.
Бев сведок на згаснување на животот на малото животинче кое беше родено пред само неколку месеци. „Колку бизарно и жално умирање“, помислив, сè уште потресена од настанот што го посведочив. „Само малку побавно да трчаше или само малку побавно да возеше автомобилот немаше да дојде до тој кобен судир што морало да се случи“, размислував додека пешачев кон дома.
Тажно е кога згаснува сечиј живот, не само човечкиот. Потажно е кога смртта е трагична. Но тажно е и да си жив, а да не живееш. Да го цениме животот што го имаме бидејќи некогаш многу малку недостига за и него да го снемаме.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.