Skip to content

Чедо Јакимовски – Песни за стравот и сјајот

Чедо Јакимовски е истакнат македонски поет роден во Кратово на 22 февруари 1940. Починал во Скопје на 12 јануари 1993 година. Во неговиот краток и боемски живот оставил малку по број дела, но со извонреден квалитет. Тој во светски рамки се смета за еден од творците на стихови блиски до совршенство. Секоја песна излезена од под неговото перо, минувала низ строга проверка на метроном.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година. Автор е на книгите “Нарциса” (1966), “Лажно море” (1971), “Халеевата Комета” (1985). Сродни по тема и стил му се проколнатите поети. Секоја година во негова чест се доделува наградата Нарциса за придонеси во поезијата. Од 2007 година во Кратово започна чествување на Чедо Јакимовски, и ќе продолжи како традиција. Преведуван е на неколку светски јазици.

Во продолжение прочитајте ги неговите три песни кои ги споделуваме со вас.

Враќањето на мојата Евридика

Од кои предели и ноќи твојот глас ме вика

Дали во темните вилаети на сонот пак спиеш

Ти изгубена во ова столетие мртва Евридика

што вон денот, и јавето во некоја билка се криеш

Од кои предели и ноќи твојот глас ме вика

 

Од сите градски светилки светлоста ја обрав

И со полноќно сонце в очи по ѕвездите скитам

На сончевото срце те цртам Ти света и добра

засекогаш изгубена во невраток Те китам

со светлоста што од сите светилки ја обрав

 

Те барам во мразот дождовите и непостојаниот ветар

од онаа страна на месецот и неможноста на сонот

Твоето име го испишувам на грбот на миризливиот етар

твојата песна ја ѕвонам на златното небеско ѕвоно

 

А тебе те нема О тој страшен прекор

на твојот глас што од темни длабочини ме вика

Па болен и крвав слегувам во рајскиот пекол

и таму да те побарам о моја Евридика

I

О слепо чекорење по мрачни патишта а врнат

камени дождови и чудни билки ме пијат

Ти спиеше на еден камен и златна и црна

сонот ти го чуваше некаква ретка змија.

 

За да те разбудам каменот го изгризав со заби

три ноќи мракот со своите очи го горев

Во очите сјајот го изгубив О да би

те разбудил испив бескрајно отровно море.

 

И тргнавме кон светлоста А страшно и лудо

жед да видам дали си зад мене почна да ‘рти

Очите си ги ископав и за чудо

како лудиот Орфеј фатално не се свртив.

 

Те вратив воскресната од пеколот на овој град

и на најстудените ѕвезди им покажав како се љуби

Се вратив изгорен а тргнав силен и млад

тебе те најдов но себе се изгубив

 

****************************

Песна без наслов

Надвор, – врне, врне. Сам со Миса в соба
Која ми се стори небото го крши.
Како да ме праша: во која ли Коба
Мојот црн средживот полека ќе сврши.

Надвор врне, врне. А далечна зора
В дождовните капки започна да руди.
Надвор уште врне. А в душата горат
Три заспани молњи. И кој ќе ме суди

Штом тие ќе блеснат, барајќи го сонот
На мојот црн несон што полека вене?
А клавирот грми. Започнува ѕвонот

Ко дожд од метеори над свеста да паѓа
Со твојот тврд насмев, тажен Бетовене,
Над мојата тага што звукот ја раѓа.

Самотно изганство 

О заборавен предел пак дојдов без себе
Во твојата немоќ од памтивек што зрее
Сред тој цвет неоплоден и мирис што гребе
Сред своето безличје што изгнанство не е

Туку простор кај сонцето сон затворен најде
Една отровна песна во крвта да скрие
Па чекам над заборавот сонцето да зајде
Волкот да го убијам во мене што спие

А виежот се претвора во цвет од идно време
И идното сонце со студен сјај го пали
Па незнам дали сум камен во некој предел темен
Осуден засекогаш по својата смрт да жали

Или сум црна молња што со огнено длето
Повикот по себе го длаби во бел мрамор
А знам самиот се разнесов по светот
И своето птоклетство го носам на рамо

Напишете коментар