Ни претставува чест и задоволство што имаме можност да поразговараме со македонскиот поет Блаже Петревски – Ендемион. Тој годинава се претстави на германскиот поетски фестивал во Келн и по тој повод е гостин во рубриката „Интервју со“. Што разговаравме со него, кои прашања му ги поставивме и какви одговори ни даде прочитајте во продолжение.
Најпрво, честитки за успешното претставување на фестивалот во Келн. Ќе започнеме со прашањето: Како се чувствуваш?
– Се чувствувам одлично!
Које Блаже Петревски? Додавката Ендемион најверојатно потекнува од грчката митологија, какво значење има таа лично за тебе и зошто баш Ендемион?
– Неговата маленкост Блаже Петревски е само обичен човек кој пишува стихови. Прашувате од каде Ендемион? Тоа е момче на кое Ѕевс му подарил бесмртност.
Како протекоа подготовките за поетскиот фестивал во Келн, на чија покана зеде учество и како помина целиот настан, кои се твоите импресии?
– Кога излезе од печат мојата прва збирка ” Врвот дно” веднаш ѝ ја испратив на мојата братучетка која работи како помошник асистент на универзитетот Јохан Фолфганг фон Гете во Франкфурт. Дел од мојата потесна фамилија уште во 70-тите години се преселила во Германија. Братучетка ми е родена и школувана таму. Магистер е по предметот Современа Германска книжевност, и работи исто како преведувач. Таа преведе (препеа) пет мои песни од збирката, и ми вети дека ќе направи сè што може песните да бидат застапени во некоја антологија.
И тоа се случи пред еден месец. Ме извести дека ми овозможила место да настапам на поетски вестивал во градот Келн каде што настапуваа 50 поети од различни земји. Таа е најзаслужна за моите стихови да бидат застапени во меѓународна антологија на германски јазик, и за моето претставување во Келн, за што јас сум ѝ бескрајно благодарен.
Како започнаа твоите почетоци со поезијата, од кога почна да пишуваш поезија?
– Стихови започнав да пишувам уште како средношколец, потоа студирав на катедрата за општа и компаративна книжевност, каде вдахновен од предавањата и драгите професори може да се каже дека започнав да пишувам подобри стихови. Мојата прва збирка “Врвот дно“ беше спремна за објавување уште во 2011 година, но ја објавив во 2023 во издание на Академска Мисла од Скопје, па потоа следуваше збирката “Хипербореја” исто така објавена 2023, иако стиховите беа напишани во периодот 2015- 2016 година.
Што значи за тебе поезијата и што значи да се биде поет?
– За мене поезијата преставува најсвето нешто што постои на овој свет. Како што би рекол Бодлер: „без леб можете да издржете два, три дена, но без поезија ниту еден“. Поет го сметам секој кој ги преточува и пресликува своите наталожени чувства на платно од тишина, ослободувајќи се од нив.
Како започнува творењето на една песна, што е пресудно за Блаже да се фати за перото и да ги излее мислите кои сакаат да излезат од него или да бидат ослободени?
– Творењето започна експлозивно, тоа беше прочистување на наталожени чувства. Дополнително, поезијата си ја објавувам со свои средства. Никогаш не сум конкурирал до Министерството за културуа, затоа што од еден вистински уметник барам констатен отпор кон општеството и неговите наметнати норми и правила. Како тогаш можам да барам пари од министерство кога сум во судир со неговите норми!
Ако не пишуваше песни, со што ќе се занимаваше во животот?
– Ако не пишував песни најверојатно само ќе потонев во бездната наречена човечки живот.
Што сакаш да правиш во слободно време, што те исполнува?
– Во слободно време пишувам стихови, тоа ме исполнува.
Која е твојата омилена поезија на која сакаш да се навраќаш и кој е твој/а омилен/а поет/еса?
– Омилена поезија на која секојдневно ѝ се навраќам е позијата на Чедо Јакимовски и Стефан Маларме.
Кое е твоето животно мото?
– Моето животно мото е Поезија!
Која е твојата најголема животна поддршка?
– Најголема животна подршка ми е божицата Селена!
Твојата порака до читателите на Крајбрежје?
– Што повеќе да читаат поезија, време е да изгради свет каде што Поезијата ќе биде вреднувана како најсвето нешто, откако вредностите ќе бидат превреднати!
Му благодариме на Блаже Петревски за одвоеното време и му посакуваме успеси на приватно и професионално поле!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.