Skip to content

Враќањето на реката – Гордана Каракашевска

Преку полињата жито во чудни насоки трча луд пес.
Смешниот облик на копнежот живее во куќа на крајот од слепа улица.
Таму,
внатре,
гласот на телефонската секретарка глаголи на сонцето, потоа
доаѓаат ангелите на рамнодушноста и од првиот прозорец
го набљудуваат вулканот и со засипнат глас и споени лица
во еден збор велат: Деновиве, ако не и утре, ќе има
пофалба на невиноста,
читање на тишината и нуркање во еден здив.

Реката се враќа,
ова е нејзина ненапишана песна, неотпеана
ова е нејзин бришан простор.
Под виножитото на ноќта,
смртта има коса од морска трева.
Оживува мртвата гранка,
таа го сака животот а смртта ја сака неа.
Седнува и пишува смртно писмо,
седнува и пишува хроника на немирниот сон.
Пишува:
Понекогаш е јануари среде лето.
Ни беше толку убаво, пишува таа.
Доколку е тоа среќа, среќна сум, пишува таа.

Паѓа виолетов дожд.
Подоцна, светлината гори дупка во денот,
затоа реката се враќа со засипнат глас.
Долго, долго пеела на дождот
под виножитото на ноќта.

Знам дека знаеш, пишува таа,
дека сите љубови се необични.
Ова е време на лаги,
на првиот снег,
шумскиот дух и балади.
Среќна сум, пишува таа, доколку е тоа среќа.

Напишете коментар