Skip to content

Виј: старословенско демонско суштество опеано од Конески

Во пишаната литература, Виј првпат се спомнува во расказ од Николај Гогољ, објавен како дел од збирката раскази „Мирогород“ во 1835 година. Насловот на расказот е името на митолошко, демонско суштество од старословенската митологија.

Во самиот расказ Гогољ запишал дека приказната е популарна легенда, која ја раскажал без промени. Историчарите немаат пронајдено фолклорно дело кое би личело на Виј. Суштеството Виј е опишано налик на демонско битије со долги очни капаци (на украински вии), па од тука доаѓа и неговото име, Виј. Има вештерски и ѓаволски карактеристики. Се спротиставува на сè што е човечко и спремно е да убие човек.

Во македонската литература, ова суштество е опеано во поезијата на Конески, во истоимената песна „Виј“:

Виј

Во свеста, како во полноќна црква,

те заклучив. И свеќи ко што бледат

на гасење, ти сега бледиш така,

а сите светци похотно те следат.

Ти тука си заточеница за која

јас толку мошни заклинања правам,

и еве веќе настапува часот

и сешто гласи дека ќе се јавам.

Јас идам како оној грозен Виј,

со сиви очи, сиот земја жедна,

да, страшен сум, и дека нежност носам

во тврди грутки – затоа си бледна.

Се ближам како нежен Виј, но веќе

таинствена си повлекла ти црта,

и штом ќе стапам по пределот, остро

се руши понор и со карпи чкрта.

И сиот жеден, песок, јас се ронам

во таа пропаст, и сѐ веќе гасам.

Јас, Виј, во свеста те домамив мошно,

но, жеден, немам сила да те стасам.

Напишете коментар