Слушнав дека некогаш одамна,
во младоста
на некоја жена
си ѝ дал само една грутка
од твојот живот
тешка и тврда како исушена глина,
па без збор си заминал
оставајќи ѝ ја
довека во прав да ја рони.
Никогаш не си ѝ кажал дека цел живот
парчиња сино небо,
со извезени, портокалови изгрејсонца
и румени залези
за неа си чувал.
Езеро распенети воздишки
и полни месечини
во води што се огледуваат
под палто си криел.
Бакнежи кои претекуваат од ивиците на усните си ѝ збирал.
Јата ѕвезди си ловел
во мрежи од крилја на бели лебеди.
Дека за таа иста жена
си чувал узреани насмевки во џебови
и вители на непресушни страсти
си закопчувал под кошули.
Сончеви џунџулуња од лептири си крадел
и растрчани потоци си кротил
по распукани гради на планини.
За неа си собирал огнени, есенски лисја
во споменари
и ноќни, сомотни неба
со акорди од ваши песни
си кител.
Само за неа си криел недоодени патеки
и две вљубени гугутки
си хранел секое утро за таа жена.
Со алови зрна од калинки
и со јантарни слатка од дуњи
зими за добредојде си пречекувал,
помеки и потопли за да ѝ бидат.
За неа првите кокичиња
на снегот си му ги крадел
и молскавици виолетови,
дар од Громовникот,
под трепки си редел.
Со жолти мимози и нарциси,
напролет синила морски
си боел.
За неа венци си плетел
од лековити, миризливи треви
од болести да ја пазат.
Си останувал буден до виделина
и со отворени очи си сонувал шарени, разгалени соништа
за неа…
За таа жена
си собирал во гради ветрови дур пеат,
па си ги пуштал лете
оморини тешки да ѝ изгонат.
Си ѕиркал низ разпарани облаци,
во нив сјајот од солзите да ѝ го збереш.
Расцутен прамен сончевина
под срцето си ѝ чувал
и никогаш не си ја викнал,
никогаш ништо не си ѝ дал.
Со тоа азно нарамено
една глува ноќ
само си пошол
меѓу ангелите да ја бараш
надевајќи се дека таму ќе ја најдеш
сетоа тоа на дланки
најпосле да ѝ го спуштиш
и прошка да ѝ побараш.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.