Во Дом на култура „Кочо Рацин“-Скопје во сабота, 6 април во 18 часот ќе бидат промовирани три книги од Гордана Каракашевска. Книгата раскази „Сињор Џордано и размислувањата за…“, стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ и романот “Разголување“ се објавени во 2021 година под псевдонимот на авторката Ана Каракаш, но поради Ковид-пандемијата досега не беа промовирани. Промотор и модератор на настанот ќе биде професорката Елеонора Николовска.
На книжевниот настан избор од поетската книга „Скршен поет и други поеми“ ќе чита актерката Елизабета Клинчаревска Младеновска.
„Во расказите „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ авторката инспирација зема од најбогатото извориште на животот, секојдневието, преокупацијата, размислата за барањата на светот, проникнати во една мисла човекова. Елементот ЗАПИС кој навлегува зачестено кај секој од нас Ана Каракаш го користи вистински да направи запис, да не запре пред цврстиот, остриот и мошне пробивен збор во стихозбирката „Скршен поет и други поеми.“
Ставен во стихово менгеме тој, зборот се раскостува и започнува да слугува на мислата, на пораката зошто е изваден на површината. Барајќи се себеси и својот идентитет во општеството често правиме едноставни разгледувања на сопствените можности и дострели како што направила авторката во романот „Разголување“. Погледнуваме, прифаќаме или не и заминуваме без јасна одредница. Таква е младоста. Ако се врземе со уметноста и љубовта настануваат бескрајно убави, прифатливи креации.“ ќе истакне рецензентот во сите три дела, господинот Илија Мерковски, долгогодишен професор по македонски јазик и литература а воедно и главен и одговорен уредник на овие три изданија кои се дел од едицијата Книжевни меридијани на Современата македонска книжевност. Гордана Каракашевска е автор и на стихозбирките „Куќа од хартија“ (2022) и „Патот на водата“ (2023).
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.