Skip to content

Живот – Јасмина Јошевска

  • by

Животот не е едно ветување. Животот не е време за пресликување на веќе создадените уметности. Животот не е бајка. Животот не е едно премолчување за свесноста на себепостоењето. Животот е многу повеќе од еден блесок на изразениот простор за созерцание  на веќе моделираните патеки по кои одиме. Животот кој веќе го живееме низ нормите кои ни се поставени повикува на воскликот што од сопствената длабочина треба да го изнесеме.

Живот во живот да внесеме со душа која треба да остане достојна на едно тело до самиот крај на постоењето наше. Знам дека има крај. Но додека тоа дојде ќе бидам секогаш нешто повеќе. Сонце не сум. Тоа доволно свети за сите. Месечина не сум да допрам по солзите на  напатените души.  Не барај да плачам за никого зошто имам доволно љубов за светов каков и да е. Сум била на дно. Од дно доаѓам. Сум била на врв. Од врв слегов.

Постојам обично во необичноста на мојот недопрен и свет свет каде се составуваат зборовите  и нотите на мојата  крв. Таму секој чекор тежи стотина  тона но вистински вреди. Да плачам немам време. Животот ме повикува за спремност низ удолниците и храброст за лек. Ми дава насмев кој ти треба за да ме зачуваш далеку од забот на заборавот. Среќата твоја е мојата најголема радост. Затоа животот е многу повеќе од еден ден и една ноќ. Краток, а сепак долг.

Не, јас не сум како другите. Животот е многу поубав со почитување на себе, а и на оние кои најмалку ти веруваат. Цврстината на чистата совест е смислата која ти ги отвара очите за да ме разбереш дека немам лица две. Имам само еден живот и она што ме исполнува да бидам и јас среќна после сѐ.

Напишете коментар