Паметиш кога беше плашлива и несигурна? Се сеќаваш ли колку збунето делуваше кога некој ќе ти се приближеше и ќе ти поклонеше неочекувано внимание и наклонетост, а ти како исплашено глувче кое го брка мачор се повлекуваше во твојата школка? И уште се скриваш таму понекогаш. Но, не си повеќе исплашено глувче, збунето и несигурно кое бега да се скрие во првата дупка.
Сега веќе не се плашиш речиси од ништо, љубовта ја прегрна и ја распламти по целото тело. Сега се плашиш дека нема да добиваш љубов каква што заслужуваш. Страв ти е дека нема да бидеш сакана правилно. Во љубовта нема правила, таа е најсилен закон кој треба да се почитува цел живот. Единствени правила се безусловност, верност, чесност, искрености, прегратки и искрени и разменети длабоки погледи.
Придружни правила кои мора засекогаш да се почитуваат се спојување на душата и телото со бакнежи и танц, а насемвките и хармонијата се наградата. Звучи едноставно да се напише или каже. Да се доживее во вистинска смисла е потешко доколку нема взаемен труд. И покрај прекршените правила и непочитување на законите, не губи надеж.
Не се плаши од љубовта.
Ти давај ја безрезервно, а ако тој што ја прима не може да ја види нејзината вредност, нека се плаши од себеси.
Љубовта ако не ја најдеш во себе нема ни да ја пронајдеш ниту да ја препознаеш во друг.
Не се плаши од љубовта која е бесплатна, а толку моќна. Чиниш урива мостови, поместува планини, победува војни, и ја надминува смртта.
За љубовта не е потребно многу, само две искрени души кои се препознале еден во друг. Одново, иако биле залутани претходно. Не е потребно многу, само спојување на две души кои бескрајно трагале една кон друга и конечно се нашле.
Останатото душите ќе си го кажат меѓусебно.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.