Во статијава зборувавме зошто треба да се читаат книги, а сега ќе обрнеме внимание на читањето книги кај децата.
Родителството е најубавата, но и најодговорната работа на светот. Пред секој родител стои животен предизвик да го насочува своето дете. Одгледувањето на детето покрај неговиот физички развој подразбира и стекнување искуства, односно учење.
Експертите редовно истакнуваат дека здравата и добра комуникација е најважна за нормален развој на секое дете. Меѓутоа, ни на родителите не им е лесно да пронајдат решение за сите потешкотии на кои наидуваат за време на воспитувањето на нивните деца. Со тргнувањето на училиште често се случува децата да не ги прифаќаат училишните обврски баш најдобро. Токму тие проблеми почнуваат да ги опседнуваат мајките и татковците кои со време стануваат помалку оптимистични. Но, драги родители, постои решение.
Прочитајте ги советитие кои можат да ви помогнат за вашето дете да ја надмине одбивноста према учењето, и читањето книги генерално.
Покажете му на детето позитивен став за образованието
Тоа што им го зборувате и го правите во вашето секојдневно живеење може да им помогне да развијат позитивно мислење кон школото и учењето. Покажете им на децата колкава е вредноста на образованието и неговата примена во секојдневниот живот. На пример: кога ќе одите во продавница и му купувате слатко објаснете му дека не би можеле да му го купите доколку не умеете да пресметувате бројки, а тоа дека сте го научиле благодарение на тоа што сте оделе на училиште.
Читајте и вие
Децата го прават тоа вие што го правите. Уште од најмала возраст вие за нив сте модели со кои се идентификуваат, а вашето мислење и постапки им се многу важни. Децата го имитираат вашето однесување и ги следат вашите постапки. Можеби зборовите и лекциите кои им ги кажувате нема одма да ги запомнат, но дефинитивно ќе го следат вашиот пример кој визуелно им го покажувате. Доколку ве гледаат дека постојано сте со вашите телефони или на компјутер и тие ќе посакаат истото да го прават. Промовирајте здрави навики, помалку игрици, повеќе читање.
Поттикнете гo да чита
Можеби една од најважните работи на која можете да го научите вашето дете за да му помогнете да успее на училиште, но и во животот е да му помогнете да стане читател. Читањето му помага на детето во сите училшни предмети. Колку повеќе чита – толку подобро, е клучот за целоживтно учење. Ако детето сака само една книга, пробајте да му најдете некоја друга која е слична. За да му го задржите вниманието на читањето можете да се менувате, една страница прочитајте вие, а друга тој/таа.
Покажете ентузијазам за интересите на вашето дете, и поттикнете го да истражува за темите кои го фасцинираат
Ако го интересираат коњи, понудете му приказни за јавање или предизвикајте го да пронајде пет факти за коњите во енциклопедија. На тој начин ги поттикнувате неговите интереси. Истото важи и за сите други нивни интересни, од било која област. Негувајте ја нивната љубопитност.
Славете ги неговите училишни постигнувања, без оглед на тоа колку се мали
Прочитаната или прераскажаната книга наградете ја со нешто што на на вашето дете му дава задоволство. Со тоа ќе ја зајакнете неговата позитивна енергија која ќе го инспирира да го задржи предизвикот за учење.
Помогнете му да ги организира училшните обврски и задачи
Така секогаш ќе бидете во тек со неговата работа. Ако задачата му изгледа застрашувачки, ќе помине повеќе време во грижа отколку во нејзино совладување. Редовно проверувајте дали вашето дете се чувствува оптеретено. Не му ја пишувајте сами домашната задача, но насочете го како да ја напише правилно.
Поттикнете го учењето со разбирање
Пробудете ја заинтересираноста кај децата за да можат да го поврзат знаењето што го усвојуваат со веќе претходно начена лекција или каква врска има таа со секојдневното искуство. Нека пронаоѓаат поврзаности за да можат да го применат училишното знаење во животот.
Децата кои доживуваат повремено сочувство од страна на родителите, почесто преземаат одговорност откако повремено ќе се откажат од задачата
Дајте му на детето искрен коментар од типот: „А, ако ти тоа не го направиш, што тогаш?, „Ако, не е страшно, остави го тоа“, или „Тоа е сигурно тешко, ни јас тоа не сакав да го учам на памет“. Таквите ситуации често доведуваат до тоа децата сами да сфатат дека треба тоа да го направат, и им се враќаат на нивните задачи со поголема волја.
Опкружете гo со книги
Оставете книги на масата или на места кои ним им се достапни за да ги видат и да можат да ги земат во раце. Доколку имате домашна библиотека побарајте од нив помош кога пребришувате прашина и ги прередувате книгите, и патем почнете тема за книгите зборувајќи им пример за вашата омилена книга/лектира кога сте биле деца. Раскажете им некоја приказна која ќе има поучна порака за читањето книги и негувањето на љубов кон самите книги. Нека научат дека книгите се сакаат секогаш и дека тие никогаш не се обврска, туку уживање и задоволство. И, да, да нагласиме дека се вежба за мозокот да остане во одлична состојба, па што треба повеќе да додаеме?
Читајте му пред спиење секоја вечер пред да научи да чита самостојно
Секоја вечер пред да заспијат и пред да им посакате добра ноќ прочитајте им кратка приказна или извадок од детска лектира. Потоа следниот ден побарајте да ви раскажат што запомниле од приказната и разговарајте околу ликовите во приказната. Поставувајте им прашања и оставете тие да ве прашуваат за да им дадете одговори.
Сепак, најважно е да се одржи и негува однос на доверба со вашето дете. Прашањето „Како беше на училиште“?, не треба да подразбира само како поминала контролната задача или која оцена ја добило. Интересирајте се подеднакво и за друштевниот живот на вашето дете додека е во школо и надвор од него. Слушајќи „обични“ теми, се отвара патот кон довербата: со тоа ќе им покажете дека не ви се важни само оцените, туку дека ви е важно детето, па доколку имаат проблем со обврските, но и со друго нешто доколку имаат доверба во вас ќе ви се доверат за тоа што ги мачи или оптеретува. А, кога ќе го знаете проблемот, многу поедноставно ќе го најдете решението.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.