Skip to content

Енигма

Мистериозниот поглед насочен
кон магливиот прозорец,
се обидуваше да одговори прашања
без одговор,
капките дожд водеа љубов со земјата,
а небото единствен сведок
на сите растрчани луѓе
и сите прашални погледи
што трагаа по засолниште.
Немо стоеше и набљудуваше
барајќи смисла
на светлите ноќи без сон
и темните денови
кога недостигот е голем
колку Ајфелова кула
или кога заборават е невозможен
како снег во Јули.
Ветерот во коси ѝ спиеше
со рацете во џебовите
од црвениот капут од кашмир
како да му позираше на невидлив фотограф
кој вешто би го замрзнал мигот
кога таа му пркосеше на дождот
или како извонреден сликар 
кога истото совршено би го насликал
на платно.
Криеше запомнети сеќавања
во одаите на срцето
каде никој немаше пристап,
преку песни се поврзуваше со минатото
кога самата беше безгрижна песна,
а сега е само обично ехо
на кое многумина се присетуваат.
Силна во својата обвивка
можеби одекнуваше како ехо
во туѓи спомени,
но никогаш нема да стане безвучна нота
зошто беше гласна мелодија
единствено со самата нејзина појава.

 

Напишете коментар