Соба, мала по големина. Наредена со разни старини собирани и складирани пажливо на полиците од ореово дрво. Сѐ на сѐ така наречената музејска просторија ја осветлуваа пар столни ламби со викторијански абажури. Чекорењето помеѓу старините наликуваше на одот на Алиса. Авантура во полуосветлена соба, каде секој чекор е ново збиднување. Мирисот пак како опоен парфем се ширеше молкум насекаде играјќи си со ноздрите. Додека пак ѕидовите покриени со флорални тапети ги красеа дела на познати сликари од 19-от век. Чекорите создаваа мелодија на стариот под, припратена од страна на добро реставриран Ховард-Милеров поден часовник. Кој како генерал по војна стоеше скоро деценија исправен, не давајќи се на годините. Сместен во еден од аглите на собата придружен со помали ѕидни и столни часовници во разни облици, рангови и бои.
Но Ховард-Милер генералот се истакнуваше од останатите по својот тон на отчукување на кладилото, кое како да беше гордо на својата работа како дел од системот на генералот. Набљудувајќи го, почна да ја раскажува својата приказна сталожено и егоистично. Целиот тој се одликуваше со грандиозен став, латински бројки по кои неуморно кружеа метални масивни два црни мудреци. Калапени и изрезбани со барокни шари. Броилото пак спротивно од нив бело, оквирено со кафен лак. Стакленикот каде беше сместено кладилото сјаеше со своја посебна префинетост во чија кутија можеше да се почувствува ехото на механизмот. Каде се беше собрала целата децениска животна приказна на генералот.
Двамата мудреци беа во два различни света, времиња и димензии. Едниот посериозен понизок скоро непоместувајќи се, мудро говореше за времето кое поминало, кое трае и кое треба да дојде. Не обрнувајќи внимание на вториот пак, кој како да се беше здал на трка. Неуморно го трчаше својот почесен круг. Пробувајќи да го стигне својот пријател. Во позадина пак, позади главната сцена се беа раздвижиле разно разни запчаници. Кој поголем, кој помал, потенок ил пак подебел. Заедно кружеа околу својата оска непрестано создавајќи своја мала ноќна претстава во такт со мелодијата на кладилото. Допирајќи се секундно заедно, делуваа кон придвижување на душите на оние двајца црни мудреци кои се беа вдале во мисија за минатото, сегашноста и иднината.
Внатре се случуваше цела драма, но сепак секој си ја знаеше својата задача кога да сопре, кога да тргне. Едноставно хармонично работејќи вдахнуваа душа во телото на генералот Ховард-Милер. Набљудувањето на таа мала ноќна претстава се прекина кога малиот крзнен бел како бисер персиец скокна во мојот скут. Оттргнувајќи ми го погледот кон него, кажувајќи дека и тој е присутен во просторијата. Поминав со раката по таа крзнена подвижна топка, воздивнав и оддадов почит на генералот. Со лесни чекори се оддалечив до влезната врата, оставајќи го персиецот со генералот и неговата дружина да уживаат под зраците на месечината и столните ламби. Додека ја играат малата ноќна претстава.
Љубител на зборот, надреално пишан и кажан. Кој спокој бара во несекојдневието и природата.