Според вистинита приказна
Нов ден… Навидум обичен. Ја разбуди алармот кој речиси секој ден ѕвонеше со тој ист и веќе досаден рингтон.
Стана од креветот со посебна насмевка, знаејќи дека е последниот работен ден од неделата, сè додека не се присети на ужасниот кошмар што го сони ноќта.
Сонуваше како нешто лошо се случува во светот, како нема никој освен нејзе, напуштени и уништени домови, лешеви по улиците и чудна светлина, по која се разбуди и со мака се обиде повторно да заспие, тешејќи се дека тоа е само лош сон.
Времето беше прилично топло тој ден, а и не прогнозираа дождови, се облече во лелеавото фустанче, изгледаше прекрасно, а помислата дека потоа ќе се сретне со својот љубен ја правеа да блеска уште повеќе. Откако ѝ заврши работното време, пресреќна се упати до местото каде што требаше да се најде со саканиот, неочекувајќи што ќе биде во следните неколку минути.
Баш тие неколку минути ќе бидат кобни и за неа и за мнигумина. Наеднаш целото небо се осветлуваше од громовите што се чинеше дека од мрак стануваше ден.
Таа не се загрижи многу за тоа, не се плашеше од грмотевици, мислеше само на него.
Конечно стигна на договореното место, но него сè уште го немаше.
Си помисли – зар нема да да дојде, зарем се уплашил да не заврне, но мислата ѝ ја преќина една капка која падна директно врз нејзиното лице.
Сигурно ќе заврне си речево себе. Наеднаш како небото да се отвори, огромни капки паѓаа на земјата. Потрча да се сокрие под стреата на една куќа која беше во близина.
Сопствениците на куќата беа пензионери кои живееа со своето пет годишно внуче и љубезно ја замолија да влезе додека помине невремето.
Додека седеше до прозорецот, погледот ѝ луташе на улицата од која требаше во секој момент да пристигне тој.
Дожд непрестајно паѓаше кога ѝ стигна порака на мобилниот телефон.
Во пораката пишуваше: ”На пат сум, возам. Стигнувам за 10 минути. Те сакам.”
Ни таа,ниту пак некој друг не беше свесен што ќе се случи во тие 10 минути и дека токму тие 10 минути ќе променат, а и ќе одземат многу животи.
Дождот непрестајно паѓаше и за само неколку минути улиците беа поплавени, вода доаѓаше и во куќата во која беше таа.
За миг се слушнаа вресоци, испаничени луѓе од соседните куќи на кои калливата вода веќе им била до колена. Одеднаш водата почна да влегува од прозорците во куќата на старите луѓе кои многу повеќе беа вознемирени за своето пет годишно внуче одколку за самите себе.
Во нејзините очи се гледаше страв, страв од она што се случува, страв за луѓето кои ја преколнуваа да го земе детето и преку прозорецот од вториот кат да се префрлат во домот на соседите на кои куќата беше побезбедна и помалку зафатена од поплава, а нив да ги остави на судбината, а најголем беше стравот за нејзиниот сакан кој иако помина повеќе од половина час, не дојде, а знаеше дека за тој да не дојде на договорено може да го спречи само нешто многу лошо.
Но, сега мораше да мисли на нешто многи поважно-како да го спаси животот на ова мало, невино детенце.
Не размислуваше повеќе, го зема детето, потрча кон вториот кат каде соседите им помогнаа да се префрлат во нивната куќа, а во куќата каде што беа старите во тој момент низ вратата влезе млаз вода и повеќе ништо не можеше да види додека пак на улицата имаше испревртени автомобили,удавени животни дури и удавени луѓе кои лебдеа над каливата вода. Погледот беше застрашувачќи. За миг се потсети на сонот кој ноќта го сонуваше.
Зар е можно ова да се случува, ги протри очите полни со солзи,зошто и ова не е само лош сон?! Зарем само еден миг е доволен да згаснат толку многу животи?! Зошто природата беше толку сурова кон нас тој ден?!
И денес, после пет дена сè уште ѝ се вртат тие прашања во глава, сè уште не може да се соземе од случката тој ден и не може да поверува дека старците од куќата во која беше засолнета за време на поплавата се мртви, дека пет годишното детенце е сега со нејзе, во нејзиниот дом, и дека нејзиниот сакан се уште се води за исчезнат. И повторно прашањето – ”Зошто?!”
Автор: Елеонора Павловска