Да живееш… Да копнееш… Да се будиш секое утро со помислата дека си некому потребен… Најубавото чувство. Тоа што нè исполнува. Ни го прави животот посебен и единствен. Единствен, на начин на кој некогаш бил само дел од нашите сонови. Што е тоа? Кое е тоа чувство кое може да ги помине сите препреки само за да спои две срца? Да, тоа е љубовта!
Љубов – толку мало зборче, а сепак исполнето со многу емоции, чувства… Исполнето со огромна светлина и радост, но понекогаш и тага.
Љубовта постоела отсекогаш и претставувала чувство без кое ако размислам, човечкиот род не би можел да опстане. Без разлика на времето, местото и положбата во која се наоѓале, луѓето секогаш биле способни да дадат љубов, па дури и да го дадат својот живот за оние кои ги сакале. Што е тоа љубов? Понекогаш ќе се прашаме. Всушност мислам дека тоа е најчесто поставувано прашање. За некого љубовта претставува само болка и страдање, додека за некого претставува најубавото и најпрекрасното нешто на светот, единствена причина за живеење.
За мене љубовта е еден вид пријателство, да бидеш со тој што го сакаш во добро и во зло, да растете заедно, да плачете, да се смеете… Да ги поминувате заедно најубавите моменти.
Да си верувате еден на друг, но пред сè да верувате во вашата љубов. Едноставно, тогаш целиот свет е само ваш, а на него постоите само вие двајца и нормално вашата љубов. Сè уште не можам да зборувам за љубовта и нејзината убавина, но сепак мислам дека таа е дел од секого и дека некој има право да ја почувствува.
Пролетта е време за вљубување. Па затоа се вели дека на вљубените целиот живот им е пролет. Љубовта е најубавото нешто на светот.
Кога сум вљубена чувствувам дека целиот свет е мој, а светот е обоен со розова боја, прекрасна волшебна боја… Љубовта знам колку е слатка, но знам и колку боли. Не се откажав од љубовта, бидејќи таа доаѓа кон оние кои веруваат во неа. И секој пат кога ќе ги осетам оние пеперутки во стомакот, ја чувствувам љубовта на своја кожа, сите убави мигови, се чувствувам најубаво.
Па дури и кога нема љубов во мојот живот, остануваат спомените од нешто поминато, спомени кои ми го одржуваат животот.
Љубовта е најсилната сила. Сила која го врти светот. На училиште нè учат за гравитациона, електростатичка и други сили кои нè опкружуваат, но дали се тие и најважни?
Тие се сили кои ги проучуваат некои научници, кои го трошат својот живот затворени во својата работна соба, проучувајќи ги законите и она што нè опкружува. Но ниту еден човек, ниту еден научник или слично не може, не е способен да ги открие сите закони на љубовта.
На таа сила која според мене има најголема моќ. Но љубовта е секогаш непредвидлива. Иако ни ја носи најголемата среќа во животот, знае да донесе и болка, тага и мнгоу солзи. Но сепак тој баланс помеѓу среќата и тагата е неопходен во нашите животи и сето тоа се надминува.
Најбитна е убавината на љубовта, за која доколку е вистинска вреди да се ризикува животот. Дали само еден цвет ја прави ливадата шарена? Дали само една ѕвезда го прави небото чудесно? Само еден лебед ли ги прави водите на езерото романтични? Започнав со мелодијата на пријателството, а завршувам со песната на љубовта. Љубовта е како музичка кутија која е затворена со катанче, а клучот на тоа катанче го има тој што го сакаме.
А душата, таа претставува огледало, при секој поглед во него се гледа нашата љубов. Ако си го отвориме срцето, љубовта ќе ни ја отвори душата.
Кога музиката од музичката кутија допира до мојата душа, започнува љубовта.
А, кога ќе запре музиката се крши огледалото и се губи клучот – тука лежат одговорите на сите прашања. Неверствата и лагите ја трујат љубовта.
Помалите лаги и неверства бавно ја уништуваат љубовта.
Големите лаги и неверства ја уништуваат побрзо.
Љубовта не значи само болка и повредување. Љубов значи: љубовта да ја подариш на оној што мислиш дека му е потребна и искрено и безусловно да го сакаш. Љубовта е најубавото нешто на светот, но само ако е возвратена!
Секогаш носи љубов во твоето срце, затоа што само така ќе бидеш среќен и ќе те сакаат. А тоа, да бидеш сакан е најубавото нешто што може да ти се случи. Деновите потрошени без љубов, се залудно потрошени денови… Тој што те сака, и ти сакај го, но тој што те повредува, засекогаш избриши го од твојот живот.
Ако си во мојот живот само за да си играш со моите чувства, не си го губи времето и оди си. Но, ако си тука да ме сакаш и да ми покажеш што е вистинска љубов, можеш да останеш засекогаш…
Автор: Фросина Паскоска