Драга моја,
Воведот на ова што сакам да ти го кажам и да звучи клише не ми е воопшто грижа. Се грижам за тебе уште откако дознав дека мајка ми те носеше во стомак. Таа грижа никогаш нема да исчезне целосно зошто ти секогаш ќе бидеш мојата помала сестра. Те молам прочитај го текстов докрај за да ме разбереш.
Најважната личност во мојот живот кон која сум била секогаш заштитнички настроена, откако знам за себе си била ТИ. Драга моја, тоа никогаш нема да престане. Секогаш ќе го имам истиот одбранбен став кога си во прашање ти, едноставно мојата единствена цел некогаш беше да те чувам и заштитувам, а тоа не се промени ни сега. Посебно ми е важно да сум на твоја страна секогаш во твое отсуство исто како и пред тебе.
Не, тоа не го правам само затоа што низ вените ни тече иста крв, туку затоа што ставовите колку и да ни се разликуваат, колку и да сме некогаш дијаметрално спротивни знам да те поддржам доколку твојата одлука е правилна. Дури и кога не ми се допаѓа најмногу. А кога грешиш тука сум да те исправам и да ти кажам да се послушаш себеси. Твоето мислење е важно, но и дека некогаш е во ред да се попушти па и да се промени ставот кога тоа е потребно.
Знаеш дека го сакам најдоброто за тебе и тоа ти го посакувам најискрено. Те молам немој никогаш да постанеш вообразена ниту пак претерано попустлива со другите, на било кое скалило и да се искачиш во животот. Доблесно е да се остане човек исполнет со вистинските вредности на кои нè научија родителите. Но и она што сами го заклучивме во текот на созревањето, што сè значи да се биде човек во денешно време. Не ја заборавај твојата вредност, никогаш! Не дозволувај некој кој не ги дели истите вредности со твоите да те убедува во спротивното. Во повеќето случаи ти знаеш што е правилно. Ако не си ти сосема сигурна, твојата интуиција ќе биде.
Ако нешто ти се чини “некакво“, најверојатно си во право за истото. Ти еднаш ми кажа дека во животот човек се кае повеќе за работите кои не ги направил отколку за оние што ги направил. И не можев повеќе да се согласам. Покрај тоа што јас како постара треба да бидам помудра според некое непишано “правило“, во многу ситуации ТИ си била онаа од која сум учела многу работи. Може многу да се научи од секого без оглед на возраста.
Во суштина, она што сакам да ти го порачам е НИКОГАШ да не прастанеш да се сакаш себеси зошто ТИ СЕКОГАШ ме потсетуваш/е да се сакам себеси. Не дозволувај никој да ти ја „убие“ љубовта кон себе, зошто таа треба да се НЕГУВА. Кога ќе се љубиш себеси ќе имаш доволно љубов за да ја споделиш со останатите. Никогаш не се разочарувај од животот поради ЉУБОВ или поради било што. Затоа што тој секако поминува, ТИ можеш да влијаеш само на сопствената реакција на работите што ти се случуваат во него.
ТИ си одговорна за секоја твоја постапка и мораш да ја преземеш ОДГОВОРНОСТА за секоја твоја ОДЛУКА која била причина за одредена последица. НИКОГАШ не престанувај да се негуваш. Не престанувај да го негуваш телото, но и духот заедно со умот. Знаеш и самата дека она што го носиме во себе никој не може да нѝ го земе, но мора и да се грижиме за истото да не избледе. Продолжи да правиш прекрасни модни комбинации кои се специфични за твојот стил и те отсликуваат тебе. И кога ми крадеш облека од плакарот знаеш дека не се лутам, зошто и јас истото го правам. Среќа што сепак постојат парчиња облека што можеме да си ги менуваме. Тоа значи повеќе парчиња облека и повеќе модни комбинации.
И те молам пишувај повеќе. Изразувај ги чувствата преку пишување зошто тоа го правиш совршено добро. Или прави било што во кое си добра и што те исполнува. Изразувај ја креативноста што тлее во тебе, на различни начини. Најди си хоби и негувај го. Нека ти биде извор на инспирација, мотивација. Празнење и полнење на батериите истовремено. Дај си и одмор. Некогаш е сосема во ред да не правиш, ама баш ништо. Има и сиви и розеви денови. Всушност, светот не е секогаш црно-бел, во поголемиот дел е шарен доколку научиш да ги гледаш боите во него.
Сестрата е најсигурното рамо за плачење, а ти секогаш ќе го имаш моето. Сестрата е како фризер (посебно кога во раните тинејџерски години испробувате фризури една на друга), како шминкер и козметичар. Знае да биде како најдобар терапевт кој слуша без осудување. И секако најдобар пријател за цел живот. Фала ти што си сè ова за мене, како и јас за тебе.
Не се плаши да ги покажуваш чувствата, не е срамота да се плаче на филм или да се смее гласно на некој глупав виц. Не се плаши да освојуваш нови висини! Во најубавите години испробај ги сите нешта кои мислиш дека ќе те направат поискусна, позрела и побогата со нови доживувања кои ќе ги паметиш целиот живот. Истите што ќе ги раскажуваш во староста (можеби малку модификувани).
Како што ти ме научи на храброст, на она што значи да се биде постара сестра, се надевам дека и ти од мене си можела да научиш некоја важна животна лекција. Постарите сестри се тука за да бидат потпора, секогаш заштитнички настроени кон своите помали сестри. Очекувам да го задржиш борбениот дух и да продолжиш да бидеш амбициозна.
Веќе прерасна во вистинска зрела девојка која знае што сака и што не сака во животот. Која знае колку вреди и дека ништо не е поважно од твојата среќа. А за неа си доволна самата ти. Иако за мене пак си она малечко девојче со слатки обравчиња кое секогаш плаче по мене кога ќе ја напуштам просторијата. Биди горда на себеси како што беше на мене низ годините. Гордоста никогаш да не те носи предалеку, туку да те држи цврсто на земја.
Очекувам секој твој успех, постигнување и радост да ја споделуваш со мене, како и досега. Јас покрај тоа што ќе аплаудирам силно и ќе се радувам како тоа мене да ми се случило, ќе продолжам да бидам возбудена за секоe твоe достигнување. Но немој премногу да очекуваш од другите, за да не можеш да се разочараш. Однесувај се со нив со реципроцитет, но држи до себе.
Победи ја секоја битка во животот. Дури и кога мислиш дека е претешко и кога ќе помислиш да се откажеш, тогаш стани и продолжи. Зошто некој паметен рекол дека не е важно во животот колку пати ќе паднеш туку колку пати ќе станеш после паѓањето. Вака некако е парафразирано. Знам дека го знаеш ова. Јас сум тука да те потсетувам. Биди како феникс. Издигнувај се над сè. Не се плаши од ништо. Освен од своите мисли. Тие знаат да бидат тивки “убијци“, па многу е важно да го следиш нивниот тек. Имаш среќа што секогаш можеш да ми се обратиш и пред мене да ги пуштиш мислите “да течат“. Без да се плашиш дека ќе бидеш погрешно разбрана.
Убавината во имањето сестра е тоа што пред неа никогаш не се плашиш да бидеш своја и да кажеш што мислиш. Зошто најверојатно делите иста соба, си ги знаете навиките една на друга, се имате видено во секакво издание. Се толерирате една со друга и најважното: се познавате. Повеќе од тоа што ве познаваат родителите или останатите.
Биди толерантна кон секого. Никогаш не ги дели луѓето по ниедна основа. Однесувај се кон секого со почит и култура. Баш каква што ја имаш и на која си научена. Но никогаш не дозволувај да биде изиграна или злоупотребена твојата толерантност. Простувај им на оние кои не ти посакуваат добро, а останатото кармата ќе го заврши, нема потреба од одзмадување.
Кога животот нема да те гали, сети се на моите зборови: „што и да е, ќе помине и ништо не трае вечно“. Сети се дека секогаш ќе бидам на твоја страна и дури и да сум на другата страна од земјината полутопка ТИ секогаш ќе бидеш мојата помала сестра, а јас тука за тебе во секое време. Надежта нека те води низ патеките, а ти храни ја. Додека со упорна работа и труд можеш да постигнеш сè што ќе посакаш.
Вети ми дека кога ќе основаме свои семејства, нема да заборавиш да ми се јавиш и да ми раскажеш што те насмеало и што те натажило во текот на денот. Сè уште ќе сакам да знам што ти се случува во животот дури и да не сме физички блиску. Колку и да сме далеку, секогаш ќе постои близина помеѓу нас. И ќе постои онаа нераскинлива врска за која сите сестри можат да посведочат. Вети ми дека кога ќе бидеме со седи влакна ќе ме потсетуваш и тогаш колку сум била значајна во твојот живот. Зошто благодарение на тебе јас чувствувам дека имам причина за живеење. Причина за после десетици години да се присетуваме на сè што поминало низ годините.
Викаат дека многу сме биле физички слични. Некои мислат дека сме близначки и покрај разликата во години. Барем нас сигурно не ни треба ДНК тест. Јас велам дека ти си моето огледало. Верувај дека нема да дозволам моето огледало никогаш да биде скршено. Во тебе можам да се видам себеси. Можам да ја видам мојата помлада верзија иако малку поинаква во некои аспекти. Ти си некоја моја апдејтувана верзија. 🙂 Можеби во некои моменти сме “два различни света“, но со иста цел: да си го осветлуваме животот една на друга правејќи го вреден за живеење.
Искрено,
Твојата постара сестра.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.