Skip to content

Живот – Соња Даниловска

  • by

Животот е пат

кој  мора да се изоди

и секој нареден  ден

во нови  предизвици те води.

Но,  тој пат незнаен и таен

не секогаш ќе биде светол и сјаен.

Во длабочини ќе пливаш

во  огнови ќе гориш,

но никогаш не смееш

да престанеш да се бориш.

Како што со денот и ноќта

светлината  и мракот се менуваат,

така и на животниот пат

среќата и тагата се поздравуваат.

Еднаш од бескрајна среќа

телото до небо ти лета

друг пат душата плаче

од мака тешка, клета.

На патот – Живот

паѓаш, стануваш, чекори редиш

и полетен и уморен

патоказот го следиш.

Понекогаш, патот ти е чист

послан  со рози и сончеви зраци

а, потоа со ѕидови, препреки

 и  подметнати   знаци.

Има денови кога  окото

на  патот ги гледа боите

во  полн  спектар,

со тебе се храброста и силата

и сè е слатко како сочен нектар.

И тоа исто око, 

одеднаш заслепува

го  обвива  сивило 

и боите ги снемува.

Патот ти се губи

во далечина  пуста

а, околу тебе стравот

плете мрежа густа.

Една прегратка топла и мила

и  патот  пред тебе

пак се гледа јасно

стравот ти шепоти

а ти в лице му се смееш гласно.

И ете така, таков е патот

возбудлив и чуден

не знаеш дали одиш

или сонуваш буден.

Денес те лади, утре те пече

а,  тој – Животот – не застанува, тече.

Немој да бидеш зафатен

иднината да  ја кроиш

потруди се во сегашноста

среќни мигови да броиш.

Автор:
Соња Даниловска

Напишете коментар