Христос воскресна! Навистина воскресна! Во името на еден од најголемите христијански празници, по повод Христовото воскресение споделуваме со вас три велигденски песни од извонредниот Анте Поповски.
Нека е за многу години и празникот нека донесе здравје, мир, љубов и слога во секој дом!
Велигден
Утринава на прозорец спроти нас
пак се покажа старичката.
Се затетерави низ дворот
како детенце кога проодува
и се заниша како гранче чесно дрво
и пак се засолни.
Излегла напролет старичката.
Што ми е убаво на душава,
како Велигден да ми е,
како да воскреснувам.
Воскресение
Расцутен двор, камбани што корнат еден дрвен крст
И го фрлаат меѓу ѕвездите,
Празничен чаршаф, свеќа што догорува
И твојот празен стол покрај трпезата.
Велигденчиња
Са ноќ стоеше сама крај прозорецот
и нешто ги молеше пролетните ветришта.
Гласот ѝ го дочу земјата
и некаде го скри.
Утрината во дворот гласот беше се престорил
во виолетови, небесни и бели
венчиња — велигденчиња.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.