29. Јули. 2019
Ostsee strand, Neustadt
12:10h
Ако постои рај
нека е полиња со лаванда,
нека е тишина
нека е звук на бран што ја прекинува истата.
Ако постои рај
нека е бескрајни полиња лаванда
нека е виолетово до недоглед,
нека е,
за да се смири душава меѓу редовите цветови,
меѓу два света.
Ако постои рај
нека мириса на портокал и бела чоколада,
на кафе и лаванда,
па со песот боси да трчаме
секое зајдисонце низ
бескрајните редови расцутена лаванда.
Ако рајот е виолетови полиња лаванда
јас не се плашам да станам бестежинска,
затоа шти сите луѓе што ги сакав и изгубив
ги испратив во моите полиња со лаванда
и тие ме чекаат таму
меѓу звукот и тишината
секое зајдисонце
меѓу редовите расцутена лаванда.
Автор: Јована Јаневска