Срцето ми вели сакам да зборувам. Сака да го симне товарот што долго време го носело. Набрзина седнувам пред компјутерот и ги запишувам неговите зборови. Внимателно запишувам, бидејќи знам дека човекот што ќе го чита ова ќе може да се соживее со нив. Ќе може да го почувствува нивното значење.
Тоа е сегмент од човекот кој испумпува крв низ целото тело и тоа го прави без престан секоја секунда, секоја минута, секој час, секој ден. Колку напорно работи за да нè одржи во живот, а ние толку малку се грижиме за него. Кажете ми само, колку пати било изиграно, повредено, предадено, привремено убиено, игнорирано, рането, залепено и повторно вратено во живот? Како можеме да му се оддолжиме на нашето срце-јунак на кое се запишани многу неизлечиви рани, но сепак некако повторно се надева?
Колку пати дланката сте ја ставиле на левата страна од градите бидејќи токму таму сте чувствувале задушувачка болка која во облик на солзи од очите полни со тага се тркалала по вашето лице? Колку пати сте се помолиле на Бога таа болка што побргу да престане? Верувам дека многу пати. Бидејќи знам дека колку и да се преправаме дека немаме чувства, душа, срце и емоции, сите ги имаме. Доволно е да му погледнеш на човекот во очи и да сфатиш сè. Доволно е да го прашаш како е, и да се сруши таа тврдина што ја изградил за да се заштити себеси.
Кажете ми, колку пати се распаднало на мали парченца и повторно магично се составило и чукало како претходно? Колку пати влегло во борба со умот и излегло како победник со многу лузни на него? Знае дека ќе боли и ја сака болката. Едноставно ита кон неа, ита кон меланхолија и влегува во мрачни тунели обвиени со тежок снег на болката бидејќи знае дека на крајот од тој навидум бескрајно долг тунел, гори пламенот на спасот и љубовта. Нашите срца знаат дека кога ќе ја напуштат таа темнина ќе ги дочека цветната зора низ која се пробива една камена роза. Розата на надежта.
Во сите вас има срце-јунак што и после секоја повреда и неправда е подготвено повторно да сака па дури и повеќе од претходно. Подготвено е со раширени раце повторно и повторно да ги прифати луѓето што го повредиле. Подготвено е да сака и покрај тоа што не е сакано. Свесно презема ризици да се заљуби иако знае дека ќе почувствува огромна болка. Храбро чекори кон катастрофата иако знае дека ќе го види пеколот низ прстенот на болката. Со сета сила трча кон тагата без да се плаши дека може да си наштети. Но никогаш, никогаш не се предава. Затоа да им подадеме рака на нашите срца-јунаци кои и после секоја повреда тие можат уште посилно да сакаат и да делат љубов. Да се охрабриме да покажеме емоции. Бидејќи, верувај ми, привилегија е да имаш срце што ќе крвари, што ќе зборува, со кое ќе почувствуваш болка, пораз, среќа, победа. Верувај дека денеска е привилегија да сакаш и да бидеш сакан. Тоа е сурово тажната вистина на денешницата, која со ножот на заслепеноста ни ги пара нашите срца-јунаци.
Автор: Викторија Саздовска