Велиш битно ти е?

https://i.ytimg.com/vi/bv52Y3laeek/maxresdefault.jpg

Реков ми треба поезија, продолжив да пишувам проза. И не беше битно. Па, и рефлексијата во огледало не ја препознав, а сакав. Сакав да се знам, да се знаеме, да нѐ знаат, да им пишуваме, не тие нам. И не беше битно. Само ја попуштив музиката и дозволив да ми ги убие мислите, оти ме убиваа. Полека, тивко. Не како звукот на силен ветар што ги разголува гранките, но ме разголуваа. Полека, тивко. Без допир, пустош се стори. Се соблеков, сабји го опколија, па ми се вратија. И ме допреа, облекоа. И се создаде ледник кој ни ерозија не го придвижува. Сакав свет да градам, но не ваков.
Оваа есен нема да не ја сакам како останатите. Паднатите лисја ќе ме потсетуваат на едно. Само безволно ќе одмавнам со главата.
Зборови, ми се враќаа како ехо и после станував свесна за нив. Ехо слушав, себе не се слушав, нив не ги враќав. Уморна од сѐ, а не ме заморуваше ништо.
Се прашував иако сакав само да е реторско обраќање, а наместо ништо – добивав одговор и уште едно прашање.  Ме изморуваше, не одговарав, потсвеста си играше. Затоа што не ми беше битно.
Се изгубив во лавиринт кој сама го создадов, излез не му ставив, излезот бев јас.
Трагав по нешто што е тука. Ми се допадна, се вратив. Не ме препознаа.
Не ми беше веќе грижа нивната грижа.
И кога не обрнувам внимание, тогаш најдобро го правам тоа.
И кога велиш ќе спијам – ти сонуваш, а кога велиш ќе леташ – паѓаш и кога не ти е ништо – сѐ ти е.
Е, затоа не ми е битно.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели