Skip to content

Се изгуби за да се најдеш?

Талкаш низ толпа.
Илјадници непознати лица.
Со скршени насмевки
и ладни погледи.
Го следиш сопствениот чекор,
а како да стоиш во место.
Одиш,
а не се поместуваш од местото.
Сакаш да трчаш,
ама чекорот не си го познаваш,
сакаш да се најдеш,
а не знаеш каде да се бараш.
Во туѓите очи не си ти.
Во нив можеш само
туѓата душа да ја видиш
и чистотата
или гнасотијата.
Тие нема да те излажат,
а ти трагаш по едни,
што ќе те гледаат со топлина,
чиниш жар блика од нив
и ти ја стоплува душата.
Таквите тешко ќе ги најдеш.
Ама вреди да ги бараш,
губејќи се себе
ќе ги пронајдеш нив.
И ќе ти стане топло.
И цел свет ќе ти стане познат.
И сите лица познати.
Како да ги знаеш отсекогаш.
Како да си растел со нив.
Ти стануваат блиски
и ја немаат веќе онаа скршена насмевка.
Ја препознаваш среќата во нив.
Онаа, за која претходно беше слеп.
И одеднаш сфаќаш дека си во заблуда.
Сон или јаве?
Реалност или илузија?
Се бараш во другите
или другите те бараат тебе?
Од себе зависиш.
Роб на своите мисли.
Знаеш дека прво мора да се изгубиш,
за да можеш да се најдеш.
А, ќе се најдеш во нејзините песни.
И ќе ти биде криво.
Затоа што само таму можеш да бидеш нејзин.
Затоа што таа преку буквите
води љубов со тебе,
во мислите те освојува,
а не те ни погледнува.
Затоа што барајќи се себе,
не можеш нејзе да ја најдеш.
Изгуби се,
за да може таа да те најде,
а кога ќе те најде,
ќе се пронајдеш и ти.
Вистинскиот ти.
Кој нема повеќе да талка изгубено,
туку заедно со неа
ќе се пронајдат
и изгубат еден во друг.

Напишете коментар