Skip to content

Лесно е да се откажеш, сети се зошто почна

alone-drawing-girl-moon-Favim.com-931045

Пред да заспие често сакаше да размислува за теми кои беа значајни зошто само тогаш ја наоѓаше најпотребната тишина и мирот кои го олеснуваа „процесот“. Валерија оваа ноќ одлучи дека треба да се потсети на причините поради кои никогаш не се откажала дури и кога ѝ било најтешко иако секогаш постоела можност да се предаде и да крене раце од сѐ. Ноќта несомнено ги знаеше сите нејзини најинтимни тајни и никогаш не ја издаваше, затоа толку проклето ја сакаше. Ѝ беше потребна една кратка ретроспектива не на денот што изминал, туку на целиот нејзин живот за доживувањето да биде комплетно, сепак се работеше за соголување пред ноќта, а ноќта не заслужуваше половични и незавршени работи, барем толку ѝ должеше. Толку долго ја слушаше без да каже збор, а пак се разбираа, толку долго совршено добро ја разбираше и ѝ помагаше да се разбере самата што беше невозможно колку е добро тоа! Ама и таа ја разбираше неа, зошто секогаш молкот ѝ беше протолкуван на правилен начин, поинаку не можеше ни да се очекува.

И тогаш започна нивниот разговор.
Валерија ѝ рече на Ноќта: И вечерва пак си ми тивка, знаеш дека таква најмногу ми се допаѓаш.
Ноќта: Знам да проценам кога сум ти најпотребна таква.
Валерија: Продолжи да и ми правиш друштво вака, знаеш дека секогаш се „соголувам“ пред тебе.
Ноќта: Затоа и ти се допаѓам. Затоа што пред мене секогаш си своја и не ни се обидуваш да бидеш нешто што не си, не ни можеш.
Валерија: Отсекогаш совршено добро си ме разбирала.
Ноќта: Тоа ми е една од улогите.
Валерија: Знаеш, некогаш посакувам да беше човек.
Ноќта: Луѓето не сакаат толку совршено добро да ги познаваат другите, затоа што ни себе не сакаат да се запознаат.
Валерија: Имаш право, тоа е можеби една од потешките работи која може еден човек да ја направи, а толку е едноставна…
Ноќта: Затоа не сакам да сум човек, не ги одбирам секогаш најтешките начини, немаше да ми стои да бидам.
Валерија: Тука ме погоди. Кога ќе размислам подобро, како да ја опиша мојата спротивна страна.
Ноќта: Секогаш одбираш најлесни начини?
Валерија: Напротив, секогаш сум чекорела по тешки патеки, а сум можела да одберам многу полесни!
Ноќта: И што доби на крајот?
Валерија: Победа. Лекции кои ќе ги паметам цел живот, и малку се за да се паметат еден живот.
Ноќта: Слатка е победата кога е заработена со труд, нели?
Валерија: И самата знаеш дека нема ништо послатко од она за кое сам си се изборил.
Ноќта: На пример, јас за што се борам?
Валерија: Можеби да го донесеш сонот онаму кај што е најпотребен?
Ноќта: И тоа да. Но, и да бидам сведок на сите љубовници и сведок на солзите на оние кои се осамени, а ужасно го мразат тоа чувство. И знаеш што?
Валерија: Што?
Ноќта: И да бидам секогаш тука за тебе и за оние како тебе, оние кои сакаат со мене да разговараат во тишина…
Валерија: Многу нѐ има такви?
Ноќта: Прилично, но сите не знаат доволно да ме ценат, за жал.
Валерија: Како го дознаваш тоа?
Ноќта: Мислат дека не ги разбирам, а јас немам поинаков начин да им докажам освен со тишина.
Валерија: Не ја разбираат твојата тишина, а не можат ни својата најверојатно.
Ноќта: Остави ги нив, кажи ми зошто секогаш ги одбираш најтешките патишта?
Валерија: Не е едноставно да се одговори.
Ноќта: Обиди се.
Валерија: Некогаш тоа е мој личен избор, некогаш е ненамерен и несвесен, а некогаш потполно намерен. И не се каам. Најверојатно сакам да бидам строга со себе.
Ноќта: Зошто мислиш дека заслужуваш да бидеш сурова со себе?
Валерија: Не го заслужувам, но се случува. Некогаш и без да сакам.
Ноќта: А, знаеш дека јас тоа добро го гледам?
Валерија: Тогаш зошто ме прашуваш?
Ноќта: За да те потсетам колку си силна.
Валерија: Тоа добро го знам и без некој да ме потсети.
Ноќта: Друго е кога ќе си го повториш тоа пред спиење.
Валерија: Фала што ме потсети.
Ноќта: Денот исто така треба на тоа да те потсетува.
Валерија: Тој е друга приказна.
Ноќта: Сосема поразлична од мене, мораш да признаеш.
Валерија: Признавам. И му завидувам.
Ноќта: Зошто?
Валерија: Затоа што има можност да те замени тебе, за ти да одмориш, а јас не знам што би направила за тебе…
Ноќта: Доволно е што се соголуваш, зарем треба нешто повеќе?
Валерија: Поточно кажано, душата ја соголувам. Да, во право си.
Ноќта: Има нешто поинтимно од тоа?
Валерија: Ти треба да го знаеш одговорот.
Ноќта: Го знам, затоа и сакам да те наведам на него.
Валерија: Го знаеме одговорот. Ниедна голотија никогаш нема да може да го замени соголувањето до гола кожа, а да си потполно облечен…
Ноќта: Ми се допаѓа како размислуваш.
Валерија: И други ми рекле така, не си единствена.
Ноќта: Си ја соголила душата пред некој друг?
Валерија: Не е тоа тема на муабет овојпат.
Ноќта: Стануваше интересно.
Валерија: Сакав да ти зборувам за победите, за поразите. И за она што ме држи будна.
Ноќта: По правило, јас треба да те натерам да заспиеш…
Валерија: Права си. Нема да заспијам додека не ти кажам дека нема никогаш да се откажам.
Ноќта: Од што да не се откажеш?
Валерија: Од сѐ што сум. Од сѐ што сум почнала и сум сакала да направам. Нема да се откажам од моите соништа и од сите нешта кои знаат да ме задржат будна вака до доцна…
Ноќта: Доцна е.
Валерија: Знам. Ама ќе се борам секогаш. И сега ќе се борам да заспијам, а дотогаш денот ќе ми те украде.
Ноќта: Нели одам на заслужен одмор.
Валерија: А, јас се справувам со денот како што умеам.
Ноќта: Знам дека можеш да се справиш со сѐ што ќе ти излезе на патот, затоа сакам да те потсетувам дека си силна, некогаш се правиш дека забораваш.
Валерија: Кога ќе се сетам зошто сум почнала, тешко дека би се откажала некогаш.
Ноќта: И да не се откажеш! Зошто ќе си имаш проблем со мене.
Валерија: И со самата себе!
Ноќта: Лесно е да се откажеш, нели?
Валерија: Тоа е најлесното. И најужасното воедно. Да немаш водечка и движечка сила, како да се немаш себе. Како да не постоиш ако не живееш за нешто.
Ноќта: А, ти зошто живееш?
Валерија: Тешко прашање. Веројатно за повеќе работи кои ме одржуваат во живот.
Ноќта: На пример?
Валерија: Живеам за да сакам. Да ги сакам најважните личности во мојот живот и секогаш да бидам тука за нив. Потоа, за да градам и да постигнам нешто. Да градам работи кои тешко би се купиле со пари и да постигнам нешто кое ќе вреди навистина.
Ноќта: Што би градела, а да не се купи со пари?
Валерија: Доверба на пример. Или искреност и почит. Или неизмерна среќа и разбирање. Тешко се градат понекогаш, ама ако ги изградиш, тешко дека ќе дозволиш некому лесно да ти ги урне…
Ноќта: А, ако довербата во некој друг што си ја изградила, се урне?
Валерија: Тогаш не била само моја одлука. И другиот придонел за рушењето. Заедничко е учеството, а количината на штетата зависи од тоа колкава била довербата.
Ноќта: Можеш да живееш без тие работи за кои живееш?
Валерија: Какво е ова двосмислено прашање?
Ноќта: Пробај да одговориш.
Валерија: Веројатно би можела, но тогаш животот би немал смисла.
Ноќта: А, смислата викаш те одржува во живот?
Валерија: По сѐ изгледа. Без смисла, сѐ би било бесмислено, па дури и животот нели?
Ноќта: Тотално апсурдно би било да. Замисли, апсурд е да живееш во апсурд.
Валерија: Тоа е мојата поента. И на навидум бесмислениот живот може да му се пронајде зрнце смисла, која за некого може да биде неразбирлива.
Ноќта: Сега поентата ми е дека треба да легнеш да спиеш. Да не дознае денот дека сум ти го крадела сонот, страшно ќе ми се налути.
Валерија: Воопшто не би требало да се грижиш. Убаво беше да се потсетам на некои работи.
Ноќта: Секогаш ќе те посетувам. И кога нема да сакаш.
Валерија: Знам зошто почнав, знам зошто ќе продолжам и зошто нема да се откажам.
Ноќта: Јас ќе бидам сведок.

Напишете коментар