Обред на прочистување – Катица Ќулавкова (рецитал)

Во мигови на љубов со заливот
нуркаш и забораваш 
на се’ друго.

Божицата на рамнодушноста
ти ја гланца душата
тој песочник кој се прелева
од полно во празно
од празно во полно
па се прочистуваш
не толку симболично
колку стварно.

Во чинот на парењето, потонуваш
длабоко во себе, како во море
и не ти недостасува растојание
и посакуваш да се вратиш.

Објективните разлики
субјективно исчезнуваат.

Веќе си наводенета психа
ослободена од страв.
Богу мила, Емануела од Хемос.
И едно си со себе, еднољубно.

Едно – кога се’ ти е сеедно
во таа мистична хармонија
во таа виша еднодушност.

Со исполнета душа, ги отвораш очите
на крајот на светот
како нова.

(Кога ни гореше под нозете 2013)

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?