Сонет – Гане Тодоровски

Можеби си спомен, нечујно што минал
Низ моите мечти, оставајќи трага?
Можеби си зборот јас што сум го скинал
Од усните свои, низ насмевка блага?

Можеби си сенка што во ноќта сина
Одмина без “збогум“, недофатена, драга
Или: крик на страдник безгласно што зинал.
Или: лик на свидна, неплакана тага?

Остани за навек Моја, Една, Блиска.
Биди само име в занес што се блада,
Биди песна звучна што низ солзи плиска.

Остани за навек далечна и нема.
Биди вечен гост на срцето што страда,
Од кај не ќе може никој да те зема.
close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!