Проза

Облици

Постоењето на континуираност е најголемата неконтинуираност низ опус од чекори што нe по некоја случајност го нарекуваме стварност, а таа не е она што прво се отклонува од предметот за да го опфати нашиот видик. Тоа треба да е она кое само ти го гледаш, затоа што за да емитираш позитивни идеи треба да апсорбираш. Но, што можеш да апсорбираш кога на луѓето тешко им доаѓа да ја менуваат положбата на главата за некој агол нагоре и да ги забележат  трепкавите суштества?  И самите себеси во огледалото се објект.
И кога на некој му текна да го сведе светот на слика од реалности и се насочи на системот ги удри темелите на ледениот ни имун систем кој ги подзаборави угнетените кои со своите чувства и борба се обидуваа да го сменат тоа што ги вовлече од светот, па и во светот.
Понекогаш мислев дека времето патува, а ние стоиме.
И навистина не знам, можеби само времето сакало да се најдам во таа просторија и тогаш безволно да слушам за семитската група народи. Ме измачува отворената трула таваница, но се правев како телава што само ги опсипуваат патиштава со чекори, не забележував. Се прашував дали и тие ја имаат фобијата од гледање грди слики.
Паметам дека мозокот си го продолжи својот механизам, мислам дека некогаш и времето ќе застане додека само тој работи.
Едниот дел го оставив некаде тука меѓу дезориентираниве кои не би ги споредила со ништо освен со збир несинхронизирани физиолошки потреби, додека еден се прозеваше, другиот доцнеше две секунди отварајќи го шишето за да ја отстрани дехидратацијата. Колку неука постапката велам, па ти душата не си ја навадил.
Сѐ беше забележано, ништо не беше видено. Веројатноста на грешка за визуализација на типичен простор е нешто релативно, но не кога животот ти се сведува на менување простори, а ти се задржуваш во нив додека не те засити предвидливоста.
Не ја предвидов брзината на облаците кои се движеа со интензитет како кога одам пеш. Самите се делеа на две и патуваа како да очекуваа дека остатоците ќе си ги пронајдат некаде. Брзаа како да знаеја дека нема да бидат забележани. Бризната беше нивната бунтовност, тоа знам. Тие се бореа против несинхронизираноста што го беше опфатил целиот простор кој го населуваа облици.
Тој не ме праша повеќе зошто престанав да објективизирам, а јас не го прашувам повеќе зошто ја фотографира природата.

sunset_sky_2_by_manichysteriastock-d3bjiec

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје