Литература Проза

Дедото што ги мери улиците

Погледнав низ прозор. Времето е потопло и сонцето се надвиснало во облаците како да сака да ни каже – смејте се и радувајте ми се. Како да  е виновно и за зголеменото расположение и хармонијата која се чувствува во воздухот. Само што завршив со бришење на прашината повторно погледнав низ прозор. Видов болна глетка, борба за живот, преживување и осаменост. Нема ден, а да не го видам тоа во силуетата. Покрај мојата зграда секој ден поминува еден стар дедо облечен во една изветвена мантија и со бастумот во рака со наведната глава оди некаде.

Гледајќи го се прашувам дали човекот има некој близок или е сосема сам. Пред некој ден носеше најлон, претпоставувам со храна. Неговото кревко и слабо тело ми кажува дека е многу стар и немоќен. Бастумот му е единствен придружник во секое негово „патување“ или пешачење. Не му го знам местото на живеење и се прашувам дали воопшто има покрив над глава затоа што личи на бездоминк. Ако има фамилија и тие дигнале раце од него и го оставиле така се прашувам кај им е душата. Како можеле тоа да си го дозволат. Претпоследно кога го видов се згодив на балконот каде што на едно куче му фрлив кришка леб, а тој тука поминуваше.

Одма се почувствував како да сум направила грешка. Бидејќи и него не можев да го нахранам, а знаев дека е гладен. Еден момент сакав да му викнам да ме почека и да му сметнам и нему малку леб, но се плашев од неговата реакција. Не бев сигурна дека ќе ме слуше. Најверојатно ќе си продолжеше по патот без да се сврти на довикувањето. Најинтересното кај овој дедо е што никогаш не ја дига главата. Додека се движи му е покриена со капата од палтото. Еднаш ја крена баш кога се загледав во него, кога во истиот миг ми поминуваше под прозор кога завршував со негово чистење.

Ме погледна со таков тажен и осамен поглед што дури мене ме заболе неговата состојба, а јас немоќна да му помогнам. И така си разменивме погледи во тмурното време, тој од една страна јас од друга. Како по некое непишано правило, секогаш кога се бришат прозорците после тоа заврнува дожд или дента или утредента. Се прашувам како ли се засолнува кога капките дожд паѓаат силно, ако нема каде да преспие.
Уште една зима помина, тој повторно си ги мери улиците со истата облека. Секогаш кога бришам прозори помислувам на овој дедо. Му посакувам да ја почувствува уште еднаш домашната и семејна топлина пред да го напушти овој свет.

 

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје