Имагинарна реалност

Реалноста имагинарна
како да си поигрува со текот на мислите
допирајќи до заборавените одаи
на миговите на безнадежност.
Во крвта тече вино црвено
минувајќи низ телото
како река што се влева во морињата
и ги надополнува како непоканета мисла
што го обојува вниманието
во нејзини бои и вкусови
без да побара дозвола.
Одолевајќи на искушението
учиш да живееш помачно, но помудро,
ценејќи ја секоја потреба,
преиспитувајќи ја секоја желба,
почитувајќи ја секоја одлука
притоа неколебајќи се
присутен си.
Да бидеш тука е најголемо богатство
што не може да се купи со ниедна пара,
од утро до мрак денот исто трае,
ти се менуваш
и секоја секунда ти го отсликува
трчањето по забранети ливади
на кои човек најлесно може да се сопне.
Реалноста безбојна
се раширува во монотоното секојдневие
носејќи катанци чии клучеви
се изгубени во вселената,
далеку од дофат на човекот.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели