Skip to content

Зошто е важно да ги визуелизирате вашите цели?

Сакате промени? Но дали сте спремни да ги постигнете?
Дали сте подготвени да го земете сопствениот живот во свои раце и да чекорите храбро кон остварување на своите цели?
Што е визуализација? Тоа е сликовито (визуелно) претставување на нешто што сакате да го постигнете, направите или добиете. За уметниците е посебно важно затоа што токму визуелизирањето им помага во креативниот процес на создавање на своето дело.

За почеток на новата година, јануари е месецот кој може да се нарече „свеж старт“ или како да сме го „рестартирале“ сето она што поминало изминатите 12 месеци. Сега имаме нова шанса да постигнеме нови работи кои не сме ги постигнале претходно. Запомнете: секој месец, секој ден е нова шанса. Промената ја правите самите вие кога мислите дека е потребна и кога најмногу ви одговара. Никогаш не е доцна за промена, доколку е навистина посакувана. Не мора по дифолт да започнувате нови нешта на почетокот на годината. Почнете кога токму вам ви е најприфатливо и најизводливо.

Што правевме ние на тема „визуализирај ги своите цели“?

Ние двата „различни света“ одлучивме токму овој месец да си ја креираме „визуелната табла“ која ќе ни биде потсетник и ќе ни помогне да си ги реализираме зацртаните цели.
Ви сугерираме и вие да размислите убаво кои се вашите цели, желби, стремежи, планови и да ги запишете некаде или да ги запомните во вашиот ум. Потоа, да се впуштите во пребарување на сликовити претстави на тоа што сте го замислиле. Доколку не можете да најдете слика, нацртајте самите или ископирајте од интернет.
Во креирањето на нашите „табли“ ние користевме исечоци од списанија, но напоменуваме дека доколку немате списанија можете да цртате или рачно да си напишете цитати или слогани по кои ќе се водите.

Кога целта што ја имате е јасна, можете да ја претставите преку слики и зборови, ги знаете постапките кои водат до неа, кога ви е претставена во мислите вие можете да работите на нејзино остварување. Со визуелното претставување вие сте чекор поблиску до неа затоа што секој ден ја гледате и правите ситни чекори кои ќе водат до нејзина реализација.

Мислам дека добивте идеја што се трудам да ви објаснам.
Креирањето на „визуелна табла“ не е нешто ново или некој феномен ние што го измисливме, многу луѓе со години наназад го користат како „механизам“ за остварување на нивните цели.

Еве сликовито како изгледаат нашите „потсетници“ што одлучивме да ги креираме секоја посебно во зависност од својата имагинација.




 

Напишете коментар