Општо

Ѕвездата родена на денешен ден никогаш нема да згасне

Ѕвездата твоја нема да згасне, а твојот лик е како икона, гласот препознатлив и уникатен како славеј. Ни даваше љубов чиста како солза, а сега ние назад не можеме да ти дадеме ништо друго освен признание и ветување дека секогаш ќе те спомнуваме.
Баш како на овој значаен датум кога си се родил во некогашната 1981г. Да беше тука, ќе го прославуваше роденденот.

Ги праќаме ѕвездите да те повикаат и да те вратат, но ништо не е сменето, шушка молика. Темно е, а во душа светат фенери.
Ти светиш најсјајно на небото. Светеше и на земјата, но сега сигурно си поспокоен. Должен си ни илјадници настапи, концерти и песни, но мора да се задоволиме со тоа што ни остана. Во спомен останаа жал, тага и желба повторно да те видиме. Пак ќе се сретнеме таму некаде на небо и заедно ќе ги пееме твоите песни. Ќе правиме небесен концерт. Твоите незаборавни концерти – ѕвездени неба беа само подарок за земјата и луѓето. Но, не сме заслужувале долго да уживаме во него. Сè има своја причина, а верувам дека исто така и твоето заминување.

Ги дофаќаме висините и пак откриваме дека ТИ беше ЕДЕН, кој стои цврсто на земја и е незаменлив. Еден и остана. За тоа ќе сведочат албумите кои ги остави зад себе. А тие пак, полни со емоции кои излегуваат од твојот глас што предизвикува морници.

И секогаш ќе те слушам со недостиг и грутка во грло, и тоа ќе биде проследено со некои измешани чувства. На твоите најблиски не сакам ни да претпоставувам како им е секогаш кога ќе те помислат, а сигурна сум дека го прават тоа секојдневно. Ете, ако ништо друго во наследство им остави богат музички спомен, барем гласот никогаш нема да ти го заборават. Ангелу, вечност стана, за навек запомнет од илјадници срца!

Вечен ќе бидеш. Вечно запаметен, спомнуван и слушан.
Наш Тоше. Тодор Проески. Дар од Бога. Дар подарен, прерано вратен на небо. Фала ти за сè!

Тоше Проески

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје