Толстој напишал: „Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Кои услови треба да бидат задоволени за едно семејство да се нарече среќно? Дали членовите треба да се почитуваат меѓусебно и да владее совршена хармонија или треба нешто повеќе?
Во „Вистинско семејство“ претставена е суровата природа на животот и колку всушност може да биде тој различен од тоа каков што требало да биде. Суровата страна на една мајка која смета дека децата се промаршување и дека се пречка во создавање и одржување на кариера ги доведува трите сестри во една нераскинлива врска. Најстарата од нив ја создава таа поврзаност уште во своите рани години кога ја игра улогата на „мајка“ и се грижи за двете сестри. Таткото кој е постојано зафатен со работа речиси и да нема време за да им посвети внимание на своите ќерки. Но тоа не значи дека не ги сака и дека не се грижи за нив. Сепак, тој бил оној кој им дал покрив над глава. Истиот е оставен од својата сопруга, меѓутоа никогаш не се откажал од своите деца.
Главните прашања што би си ги поставил читателот
Трите сестри кои научиле сами да се грижат за себе прераснуваат во вистински жени кои треба да формираат свои семејства. Дали ќе бидат добри мајки? Дали ќе имаат вистински семејства? Дали ќе бидат среќни во своето ново семејство? Дали ќе имаат семејство какво што никогаш немале? Кои се вистинските семејни вредности кои ги научиле по потешкиот пат? Кога едната од нив затруднува со момче помладо од неа кое е тотален странец се наоѓа пред тешка одлука. Дали да го продолжи стажирањето и да се посвети целосно на кариерата абортирајќи го плодот што расте во неа или да го задржи и да ги балансира работата и грижата за бебето?
Другата сестра која е веќе во брак очајно посакува да зачне, но се соочува со тешкотии. За среќа има најголема поддршка од сопругот кој ѝ ветува дека ќе ја сака секаква. Нагласува дека ништо не може да ја смени љубовта што тој ја чувствува кон неа без оглед на тоа дали ќе имаат дете. Дали неговиот брат е среќен во своето навидум вистинско семејство? Најстарата сестра се наоѓа повторно пред тешка одлука додека во мислите ѝ одѕвонуваат зборовите кои еднаш мајка ѝ ги имала кажано. Ги слушнала тие зборови пред нивната мајка засекогаш да ги напушти. Сите три се соочени со животни предизвици кои се сосема нормални.
Што всушност авторот сака да ни претстави?
Тој ни ги претставува различните страни на едно исто семејство. Плус ни раскажува за различни семејства кои се свои и поинакви од останатите, а пак исти во едно: во желбата да се има вистинско семејство. Тие кои никогаш не растеле во комплетно семејство најубаво ќе ја разберат пораката која авторот ја испраќа. Оние пак кои растеле во комплетно и „вистинско“ семејство ќе имаат можност да ја видат другата страна на приказната, Приказната која за нивна среќа не ја доживеале. Секој читател е само еден сведок на животите на јунаците во романот, а на него останува и да си најде дефиниција што всушност за него претставува „вистинско“ семејство.
Оцена: 3/5
Прочитајте ја и следнава рецензија за„Ана Каренина“ од Толстој.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.